Линкови за пристапност

Русија продолжува со напади врз цивилната инфраструктура, убиено најмалку едно лице


Краматорск, Украина 14 март, 2023 година
Краматорск, Украина 14 март, 2023 година

Украинските власти денеска соопштија дека руски проектил го погодил градот Краматорск, при што загинало најмалку едно лице, а три други се ранети.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на Телеграм објави дека проектилот го погодил центарот на градот и оштетил шест згради.

„Злобната држава продолжува да се бори против цивилното население“, рече Зеленски. „Уништување на животот и не оставајќи ништо човечко. Секој напад кој одзема невин живот мора да резултира со законска и праведна казна против убиство. Дефинитивно ќе биде така“.

Нападот се случил кога Русија укажа на, како што рече, одбивањето на Украина да се вклучи во мировните преговори.

Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков изјави за новинарите дека Русија има само воен пат во Украина. „Мораме да ги постигнеме нашите цели“, им рече Песков на новинарите. „Со оглед на моменталниот став на режимот во Киев, сега тоа е можно само со воени средства“.

Зеленски во неколку наврати изјави откако Русија ја нападна неговата земја пред повеќе од една година дека Украина ќе ги разгледа мировните преговори само кога ќе се повлечат сите руски сили.

Русија во понеделникот соопшти дека е подготвена да дозволи продолжување на договорот за извоз на жито од Украина, само за 60 дена, што помогна да се спуштат светските цени на храната.

Руската делегација на разговорите со високи претставници на ОН ги опиша разговорите во понеделникот како „сеопфатни и искрени“, но рече дека Русија сака да види „опиплив напредок“ за паралелниот договор за рускиот извоз пред повторно да се обнови договорот за жито во Украина.

Црноморската иницијатива за жито и овозможува на Украина - еден од водечките светски производители на жито - безбедно да испорачува храна и ѓубриво од три украински пристаништа.

Договорот за жито беше постигнат со посредство на Обединетите нации и Турција минатиот јули за да помогне во олеснувањето на глобалната криза со храна и беше продолжен за 120 дена во ноември. Тоа продолжување треба да истече во сабота.

Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG