Линкови за пристапност

Дирекцијата за заштита и спасување ќе испрати тимови да помогнат по земјотресот во Турција


Во земјотресот се повредени и двајца македонски ученици, од кои едниот е со потешки повреди, соопшти МНР
Во земјотресот се повредени и двајца македонски ученици, од кои едниот е со потешки повреди, соопшти МНР

Македонските институции најавуваат дека ќе им се стават на располагање на своите колеги во Турција, за да помогнат во справување со последиците од силниот земјотрес кој зафати делови од државата. Дирекцијата за заштита и спасување најавува директна помош во човечки ресурси.

„Нашите спасувачки тимови, кои се соодветно обучени за помош при вакви несакани настани, ќе се подготват да стигнаме во Турција, во местата каде што има поголема потреба. Во координација со Турската амбасада, Дирекцијата за заштита и спасување ќе се потруди да помогне со своите капацитети“, рече директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути.

И претседателот Стево Пендаровски, рече дека државата ќе пружи соодветна помош за турскиот народ.

„Сега добивме информација дека има втор земјотрес, многу жртви и ужасна деструкција. Би сакал уште еднаш да упатам сочувство до сите погодени, и да објавам дека македонската влада и ние како држава нема да останеме само на зборови, туку ќе пружиме конкретна помош. Оваа година треба да одбележиме шест децении од катастрофалниот скопски земјотрес и многу добро знаеме кога некои други народи и држави се наоѓаат во слична ситуација. Нашите мисли се со турскиот народ и турските граѓани, пред сè со оние кои ги изгубија своите најблиски“, изјави претседателот Пендаровски.

Црвениот крст веднаш стапил во контакт со нивните колеги во Турција и во Сирија.

„Црвениот крст на Република Северна Македонија изразува длабоко жалење и искрено сочувство до народот во Турција и Сирија за жртвите од страотниот земјотрес. Црвениот крст на РСМ е во комуникација со Турската Црвена полумесечина и Сириска Арапска Црвена полумесечина, на кои веднаш им беше понудена првична помош“, велат од Црвениот крст.

Црвениот крст отвори и сметки, каде граѓаните можат да уплаќаат свои донации. Mоже да донираат парични средства на жиро сметката на Фондот за солидарност на Црвениот крст на РНМ: 300000001327966, даночен број: 4030984271620 АД Комерцијална банка со назнака: помош за населението во Турција и Сирија. Може да се донира 100 денари со вртење на телефонските броеви 143-400 на Македонски Телеком и А1. за донации на средства во странска валута.

Македонските власти, премиерот, министерот за надворешни работи и министерот за внатрешни работи, испратија пораки со сочуство до турскиот народ.

„Испратив пораки со сочувство до Турција и турскиот народ, преку мојот колега Мевљут Чавушоглу, во кои ја понудив и нашата помош каде што ќе биде потребна, за што веќе се прават подготовки во земјава. Со Турција имаме блиско и долгорочно партнерство кое почива на длабоката поврзаност на народите на двете земји. Нашите мисли се со нашите пријатели, браќа и сестри од Турција, и ние ќе сториме сѐ што е во наша можност за да им се најдеме на пријателите во оваа неволја“, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Премиерот Димитар Ковачевски рече „во мое лично и во име на граѓаните на Северна Македонија изразувам длабоко сочувство кон претседателот Реџеп Таип Ердоган за изгубените животи, и посакувам брзо опоравување на повредените“.

Министетот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека македонската полиција стои на располагање во овие тешки моменти за пријателските турски и сириски народи

„Во мое и во име на МВР изразувам најдлабоко сочувство до турскиот и сирискиот народ, на семејствата на над 500 загинати лица во катастрофалниот земјотрес којшто ги погоди Турција и Сирија пред само неколку часа“, рече Спасовски.

Од МНР велат дека по силниот земјотрес во југоисточниот дел на Република Турција, стапиле во контакт со Амбасадата на Северна Македонија во Анкара и Генералниот Конзулат во Истанбул, кои се во постојана комуникација со надлежните институции на Турција.

„Нашите ДКП-а во Турција се на 24-часовно располагање за сите евентуални прашања, на телефонските броеви: +905394569710 во Анкара, +905456149777 во Истанбул, и + СОС телефонот на МНР во Скопје 38975273732“, велат од МНР.

Во земјотресот се повредени и двајца македонски ученици, од кои едниот е со потешки повреди.

„Нашите претставништва обезбедија информации и стапија во контакт со деветте наши државјани кои се наоѓаат во загрозениот регион. Се работи за осум ученици и нивен ментор/наставник, кои преку програмата „Еразмус плус“ престојуваат во Република Турција. Како последица од земјотресот, двајца од учениците се здобиле со телесни повреди: едниот ученик е со потешки повреди – скршеница на која во моментов работат медицински лица и е во фаза на санирање – додека вториот ученик е со полесни повреди. Ниту еден од учениците и менторот не е во животна опасност“,велат од МНР.

XS
SM
MD
LG