Претседателот на САД Џо Бајден денес оди во посета на сојузната држава Калифорнија за да ги процени штетите од поплавите и да биде информиран за напорите за обновување по невремето изминативе недели, при што загинаа најмалку 20 луѓе и предизвика штети во 41 од 58 окрузи во државата.
Претседателот, придружуван од администраторката на ФЕМА, Дин Крисвел, гувернерот Гевин Њусом и други државни и локални функционери, денес ќе го посети оштетеното пристаниште Капитола во округот Санта Круз, каде ќе се сретне со сопствениците на бизниси и со погодените жители.
Бајден, исто така, ќе се сретне со тамошните надлежни и ќе даде забелешки за поддршката за закрепнување на сојузната држава.
„Над 500 FEMA и друг федерален персонал веќе се распоредени во Калифорнија за да ги поддржат операциите за одговор и закрепнување и работат рамо до рамо со државата за да се осигурат дека сите потреби навистина се задоволени на терен“, рече во средата портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер.
Бајден веќе одобри декларација за голема катастрофа за државата, ослободувајќи дополнителни федерални ресурси за напорите за обновување.
Неколку часа пред посетата, тој го подигна нивото на расположлива федерална помош уште повисоко.
Поради неколкунеделните лоши временски услови, клучните патишта останаа затворени, а властите проценија дека илјадници домови се сериозно оштетени.
Пресметувањето на штетите ќе потрае, но бројот на куќи и други објекти кои ќе бидат означени со црвена боја како непогодни за живеење би можел да биде илјадници, рече Брајан Фергусон, портпарол на Канцеларијата за вонредни служби на гувернерот.
Штетата е распространета низ 41 од 58 окрузи во Калифорнија, рече Фергусон.
Во неинкорпорираниот округ Санта Барбара, по повеќе од 60 инспекции на имоти кои претрпеа оштетувања од лизгање на кал и соборени дрвја, четири домови беа означени со црвена ознака, а 32 беа означени жолти оти имаат потреба од обемни поправки, рече Келси Бутита, менаџер за комуникации во округот.
„Исто така, гледаме многу штета кога станува збор за патиштата“, рече таа, проценувајќи дека повеќе од десетина се целосно затворени. „Некои патишта се целосно однесени“.
Нема проценет датум за повторно отворање на Државната рута 154, клучна артерија север-југ во округот што е преплавен со кал и камења, рече Бутита.
Девет атмосферски реки од крајот на декември предизвикаа прекини на електричната енергија, поплави, прекини на насипите, истекување и лизгање на земјиштето речиси низ целата сојузна држава. Загинаа најмалку 20 луѓе.
Извор: АП