„Можно е.“
Ова е одговорот на шефот на државата на прашањето поставено во насловот на денеска одржаната дебата - дали е можно Северна Македонија да стане членка на ЕУ до 2030 година.
Како аргументи „за“ Пендаровски ги наведе внатрешниот потенцијал, искуството, поставениот систем за водење преговори...
Сепак има едно „но“...
„Но, не сум сигурен за две други работи. Прво, не знам дали ќе постигнеме национален консензус за ова прашање кој сега го немаме и второ, не знам дали ЕУ, и по завршувањето на војната во Украина, ќе го задржи својот фокус врз регионот.“, изјави Стево Пендаровски, претседател на Северна Македонија.
Претседателот, потоа, беше подиректен за тоа што треба да се направи.
„Прва, не пречка, туку обврска е промена на Уставот, тука треба да се покаже дали си за ЕУ или не си.“, кусо одговори, Стево Пендаровски, претседател на Северна Македонија.
На иста линија е ѝ владата – повикува на вистинска, а не само декларативна заложба за зачленување во Унијата.
Има две димензии кога навистина треба да покажете дека сте за ЕУ – прво решавање на тешките прашања со соседите и второ дали, по 30 години независност, сакаме да го промениме начинот на водење политика.Маричиќ, вицепремиер
„Вистинскиот национален консензус за ЕУ за жал се уште не е постигнат од сите политички актери зашто досега во најголем дел од времето бил само декларативен. Има две димензии кога навистина треба да покажете дека сте за ЕУ – прво решавање на тешките прашања со соседите и второ дали, по 30 години независност, сакаме да го промениме начинот на водење политика, економија, дипломатија, институции... “, изјави Бојан Маричиќ, вицепремиер за европски прашања.
Европските дипломати, пак, предупредуваат дека сега е вистинскиот момент кој земјата мора да го искористи, но и да испорача во делот на реформите, и да ги преземе уставните измени за вметнување на Бугарите во преамбулата.
„Сега, предизвикот за Северна Македонија е да го искористи импулсот за решително да напредува на патот на ЕУ. За ова, неколку работи треба да се случат – најважно е земјата да покажува вистински напредок во реформите, покуси патчиња не постојат, зборовите не се доволни... Тоа значи градење на демократски институции, владеење на право, почитување на човековите права, видливи активности во борбата против корупцијата преку развивање на судство и обвинителство кои ќе одговорат на задачата. Јасно е дека за да се искористи сегашниот импулс, уставните измени мора да се направат. Овој чекор не може да се избегне.“, коментираше, Дејвид Гир, амбасадор на ЕУ во Скопје.
Но, засега, тоа е малку веројатно зашто опозицијата, без чија поддршка нема двотретинско мнозинство во Собранието, се противи овој парламентарен состав да влезе во процес на промена на Уставот.