Линкови за пристапност

Аналитичари: Со приклучувањето на Алијанса за Албанците кон владејачкото мнозинство се зајакнува ДУИ


Алијанса на Албанците во Владата? Што велат експерти?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:55 0:00

Алијанса на Албанците во Владата? Што велат експерти?

Влезот на Алијанса за Албанците во Владата, ќе значи и политичко окрупнување на актуелното мнозинство и негово стабилизирање, вели за Глас на Америка, политичкиот аналитичар, Петар Арсовски.

Тој, вели дека до тоа најверојатно ќе дојде.

„Имајте во предвид дека Алијанса има партиски конгрес на 17-ти декември и тешко е дека суштински одлуки до тој Конгрес, ќе можат да носат“, изјави Петар Арсовски, аналитичар.

Аналитичарот Шпетим Положани вели дека со приклучувањето на Алијанса кон мнозинството, Албанците во Северна Македонија ќе останат без опозиција. Се надева дека Алијанса ќе влезе со политичка платформа и гаранција за реализација на истата во однос на озаконувањето на албанскиот јазик како службен.

„Тоа така излегува веќе без опозиција. Сега Беса е некаква опозиција, но има многу слаб глас во парламентот и нема да се слуша. На овој начин мислам дека после овој чекор ако го презеде Алијанса ќе биде уште послаба на избори. Со овој чекор се зајакнува ДУИ. Нема никаква логика, опозиција да се вклучи во позиција. Тоа значи дека полека се враќаме во едноумие, кое знаеме какви последици остави“, изјави Шпетим Положани, аналитичар.

И Арсовски смета дека приклучувањето на Алијанса кон мнозинството може да има и политичка последица: „И во таа смисла тоа може да ја зајакне Беса, бидејќи тоа може да биде единствениот канал за незадоволните албански гласачи“.

Но и со осумте пратеници на Алијанса, власта нема да има доволно пратеници, односно 81 за да бидат изгласани уставните измени.

Арсовски очекува дека тоа ќе го зголеми притисокот врз ВМРО ДПМНЕ и Левица за евентуална поддршка на измените на Уставот.

„Прашање е дали ВМРО ДПМНЕ ќе може да си дозволи да биде единствениот виновник што Македонија не ги почнала преговорите и отворањето на поглавјата. Официјалниот став на ВМРО ДПМНЕ е дека не ги подржува уставните измени и ќе биде тешко тоа да се случи. Но мислам дека треба да почекаме што ќе донесе наредната година, бидејќи гледам дека и меѓународната заедница е активна со повици да се донесат уставните измени. Ќе видиме како ќе се реперкуира тој политички притисок, но мислам дека во моментот шансите се поверојатни дека нема да случи, отколку што ќе се случи“, вели, Петар Арсовски, аналитичар.

Положани очекува дека уставните измени сепак ќе поминат.

„Кога поминаа претходниот пат со промената на името, нешто што беше поделикатно прашање, мислам дека ова нема да создаде такви потреси како тогаш и дека ќе се соберат тие 80 гласови“, додава аналитичарот Шпетим Положани.

Прогнозите на Петар Арсовски се дека вистинскиот фокус за ова прашање ќе дојде дури наредната година.

XS
SM
MD
LG