Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес им се обрати на војниците во новоослободениот украински град Херсон и рече дека Украина е „подготвена за мир, мир за целата наша земја“.
Појавувањето на претседателот во Херсон дојде само неколку дена откако руските трупи се повлекоа од југоисточниот град.
„Зимата ќе донесе промена во условите за конфликт и за руските и за украинските сили“, соопшти Министерството за одбрана на Обединетото Кралство денес.
„Дневната светлина ќе се намали на помалку од 9 часа на ден, во споредба со 15-16 во текот на летото. Ова резултира со помалку офанзиви и повеќе статични одбранбени линии“, се вели во извештајот, во кој се додава:
„Просечната висока температура ќе се спушти од 13 Целзиусови степени на нула од декември до февруари. Силите кои немаат зимска облека и сместување, најверојатно ќе страдаат од повреди на студот. Дополнително, можноста да се спаси критично ранет војник е намален за приближно половина, што го прави ризикот од контакт со непријателот многу поголем“, се вели во извештајот.
Зеленски вчера во своето редовно обраќање ги потсети Украинците да не заборават „дека ситуацијата во регионот Херсон е сè уште многу опасна. Има мини... Ги повикувам сите жители на Херсон да бидат многу внимателни“.
Претседателот рече дека „во регионот Херсон, руската армија зад себе ги остави истите ѕверства како и во другите региони на нашата земја, каде што можеше да влезе. Ќе го најдеме и ќе го изведеме пред лицето на правдата секој убиец. Без сомнение“.
Украинските власти во неделата почнаа да пренесуваат храна, вода и лекови во Херсон, два дена откако силите на Киев влегоа во стратешката регионална престолнина што Русија ја зазеде на почетокот на војната и сега побегна.
Повеќе од три четвртини од 300.000 жители на Херсон побегнале од градот, оставајќи 75.000 луѓе да ја издржат руската окупација пред московските сили да се повлечат минатата недела и да почнат да се движат украинските трупи.