Линкови за пристапност

Украина бара Русија да се исклучи од Г20 и Советот за безбедност на ОН


Жители на Киев полнат пластични садови и шишиња на пумпа за вода во еден од парковите во украинскиот главен град Киев вчера
Жители на Киев полнат пластични садови и шишиња на пумпа за вода во еден од парковите во украинскиот главен град Киев вчера

Украинските власти повикаа Русија да биде изолирана од меѓународните тела откако руските сили извршија напади врз инфраструктурни цели во повеќе украински градови.

Портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи Олег Николенко, денес изјави дека Русија треба да биде исфрлена од групата на нации Г-20 и да се укине поканата на рускиот претседател Владимир Путин за самитот на Г-20 овој месец во Индонезија.

„Путин јавно призна дека наредил ракетни напади врз украинските цивили и енергетската инфраструктура“, напиша Николенко на Твитер.

„Со рацете обоени во крв, не смее да му се дозволи да седне на маса со светските лидери“.

Во своето ноќно обраќање, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека Русија „не треба да има место“ во Советот за безбедност на ОН.

„Теророт врз украинските енергетски капацитети, згора на тоа на позадината на обидите на Русија да ја влоши глобалната прехранбена криза, јасно укажува дека Русија ќе продолжи да се спротивставува на целата меѓународна заедница“, рече Зеленски.

Путин рече дека нападите во понеделникот биле одговор на Киев, наводно, оти извршил напади со беспилотни летала врз руската флота на Црното Море.

Како одговор на новинар кој праша дали бомбардирањето е одговор на неодамнешните настани на Црното Море, Путин рече: „Делумно, да. Но, тоа не е се што можевме да направиме“.

Украина не го потврди или негираше нападот на руската флота, што Русија во саботата ја наведе како причина за суспендирање на учеството во иницијативата за жито предводена од ОН.

Висок американски воен претставник рече дека САД го следат извештајот за наводен напад врз бродови на руската морнарица и рече дека „ние проценуваме дека таму имало експлозии“.

Путин во понеделникот рече дека Украина пукала со беспилотни летала кон руската флота низ зоната што требала да ја гарантира безбедноста на бродовите што пренесуваат жито.

Шефот за помош на ОН Мартин Грифитс, во понеделникот пред Советот за безбедност на ОН, изјави дека ниту еден брод вклучен во договорот за жито на ОН не бил во коридорот кога се случил наводниот напад.

Дел од информациите во текстот се преземени од Асошиетед прес, Ројтерс и Франс-прес

XS
SM
MD
LG