Линкови за пристапност

Потпишан договорот Фронтекс, Брисел гарантира заштита на македонскиот јазик


Според претседателката на Комисијата, фон дер Лајен, ова е многу важна порака и потврда дека Брисел го испорачал она што го ветил – заштита на македонскиот идентитет.
Според претседателката на Комисијата, фон дер Лајен, ова е многу важна порака и потврда дека Брисел го испорачал она што го ветил – заштита на македонскиот идентитет.

Вечерва во владата, во присуство на врвот на Европската комисија, конечно по неколкугодишното бугарско блокирање, беше потпишан Договорот за статус со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража, Фронтекс.

Клучно е дека документот, покрај 24 јазици на ЕУ е потпишан и на македонски јазик без какви било додавки.

Според претседателката на Комисијата, фон дер Лајен, ова е многу важна порака и потврда дека Брисел го испорачал она што го ветил – заштита на македонскиот идентитет.

„Ова е симбол, ова е многу јасна порака – прво се приближувате до ЕУ со тоа што одржувате безбедност на границата, но и она што за нас е јасно-дека за вас е клучен македонскиот јазик. Во ЕУ имаме 24 различни јазици, а се надевам дека наскоро ќе имаме 25 со тоа што Северна Македонија ќе влезе во нашата Унија.“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.

Втората порака со која фон дер Лајен настапи во Скопје е директната поддршка на Унијата за земјава за надминување на енергетската криза предизвикана од руската агресија врз Украина.

„Верувајте и ние го чувствуваме истиот притисок, но верувајте, нема да попуштиме ниту за еден сантиметар. Бидете уверени дека она што го покажуваме во ЕУ – солидарност и единство исто така значи солидарност и единство со Северна Македонија зашто во ова сме заедно и тоа значи дека заедно ќе ја решиме и надминеме оваа криза. Мојата порака денеска, до граѓаните на Северна Македонија е дека ЕУ е покрај вас, заедно сме во ова и заедно ќе ја надминеме кризата. Имаме пакет за поддршка за цел Западен Балкан кој стартува со грантови – 80 милиони евра за Северна Македонија како итна буџетска помош за олеснување на ударот на енергетската криза и веќе во јануари да се добијат средствата.“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.

Брисел има одвоено 500 милиони евра за регионот наменети за грантови за инвестиции во енергетската поврзаност, обновливи извори за намалување на зависноста од руските фосилни горива. Меѓу другото Северна Македонија е поканета да стане дел од заедничкото европското купување гас на глобалниот пазар.

На средбата се зборувало и за уставните измени – вметнување на Бугарите, како услов за продолжување на преговорите по завршувањето на скринингот.

„Длабоко сум уверена дека конечно граѓаните на Северна Македонија ќе се обединат, ќе создадат мнозинство кое ќе овозможи изгласување на уставните измени. Досега толку многу постигнавте и бевте успешни, и оттука сум длабоко уверена дека овде, во Северна Македонија, ќе разберете, низ уверлива аргументација, дека е сечија одговорност да се придонесе за земјата да напредува.“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.

И премиерот повика на обединување во име на европската иднина на земјата.

„Уште еднаш ја повикувам опозицијата во собранието да се обединиме заради иднината на оваа држава. Тоа се однесува на преговорите со ЕУ, но и на уставните измени кои не очекуваат веднаш по завршувањето на скринингот. За жал, тоа се однесува и на актуелното однесување на опозицијата. Не смееме веќе да си дозволиме извештај во кој Брисел ќе нотира дека опозиција блокира европски реформи, не смееме да си дозволиме да власта да работи за забрзување на реформите потребни за ЕУ, а опозицијата да работи во спротивен правец. Опозицијата им должи на граѓаните да ги деблокира и со нас да ги сработи реформите.“ истакна Димитар Ковачевски, премиер во Северна Македонија.

Скопје беше првата станица на балканската турнеја на фон дер Лајен. Утре таа е во Приштина и во Тирана.

В петок е во Сараево и во Белград, а в сабота е во Подгорица.

XS
SM
MD
LG