Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денес повика на поддршка за „брза рехабилитација“ на Украина бидејќи таа се соочува со, како што ги нарече напади од страна на руските сили врз цивилната инфраструктура.
Говорејќи во Берлин на конференцијата за обновување на Украина, Фон дер Лајен рече дека Русија очигледно работи на тоа да им ги прекине на Украинците услугите за вода, топлина и електрична енергија. Таа рече дека таквите руски напади се „чисти акти на терор“.
Фон дер Лајен го опиша обемот на уништување во Украина како „запрепастувачки“.
„Ова се тешки, страшни и болни денови за Украинците, но Украинците ни покажаа дека имаат надеж и доверба во иднината и дека ќе продолжат да се борат за тоа. Нивната иднина е таа што не носи овде денес“, рече таа.
На конференцијата учествуваат претставници од националните влади, академските институции и меѓународните организации. ЕУ соопшти дека во разговорите ќе биде опфатено како да се даде приоритет на потребите на Украина и кои опции постојат за финансирање проекти.
Не се очекуваат финансиски ветувања или политички договори.
Украинската влада, заедно со Европската комисија и Светската банка, во септемврискиот извештај процени дека обновата на земјата може да чини 350 милијарди долари по руската инвазија.
Светската банка во понеделникот исплати 500 милиони долари, поддржани со гаранции за заеми од Велика Британија за Украина за да и помогне на владата да ги одржи основните услуги.
„Руската инвазија продолжува да предизвикува масовно уништување на инфраструктурата на Украина - вклучително и водоводните, санитарните и електричните мрежи - токму кога се приближува зимата, дополнително загрозувајќи го украинскиот народ“, рече претседателот на Групацијата Светска банка Дејвид Малпас во изјавата.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба и американскиот државен секретар Антони Блинкен во понеделникот зборуваа за задоволување на потребите на Украина за воена помош, според изјавите на двете страни.
Тие, исто така, разговараа за поддршката на САД за Украина поради тврдењата на Русија дека Украина се подготвува да употреби „валкана бомба“, тврдење што Украина и нејзините сојузници го отфрлија.
Дипломатите рекоа дека Русија им кажала на своите колеги во Советот за безбедност на ОН дека ќе го разгледа ова прашање за време на состанокот зад затворени врати на 15-членото тело во вторник.
Портпаролот на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс, во понеделникот предупреди на „големи последици“ со кои ќе се соочи Русија доколку употреби валкана бомба или кое било друго нуклеарно оружје.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во понеделникот изјави дека сојузниците на НАТО ги отфрлиле тврдењата на Русија дека Украина се подготвува да употреби валкана бомба на своја територија и додаде „Русија не смее да ја користи како изговор за ескалација“.
Столтенберг рече дека имал повик со американскиот секретар за одбрана Лојд Остин и неговиот британски колега Бен Валас во понеделникот.
Во меѓувреме, шефот на руските трупи за нуклеарна, биолошка и хемиска заштита, генерал-полковник Игор Кирилов, на брифинг за медиумите рече дека руските сили „се подготвуваат да работат под радиоактивна контаминација“.
Американските власти во понеделникот рекоа дека во моментов нема индикации дека Москва направила какви било напори да употреби валкана бомба или нуклеарно оружје.
Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Мариано Гроси потврди дека „не се пронајдени непријавени нуклеарни активности или материјал“ на украинските нуклеарни локации.
Тој додаде дека МААЕ добила писмено барање од Украина во понеделникот да испрати тимови од инспектори за да извршат активности за верификација на двете локации.
Некои информации се од Асошиетед прес, Франс прес и Ројтерс.