Линкови за пристапност

Реакции по одлуката на спикерот Џафери за отфрлање на иницијативата за референдум против Договорот со Бугарија


Поделени реакции меѓу власта и опозицијата за одлуката на Џафери.
Поделени реакции меѓу власта и опозицијата за одлуката на Џафери.

„Се плашат од народот и затоа таков чекор презедоа“ – е реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ по одлуката на Талат Џафери за отфрлање на иницијативата на опозициската партија за одржување референдум против Договорот со Бугарија. Потегот на собранискиот спикер го сметаат за незаконски. Засега нема најави како ќе одговори партијата и кои чекори ќе ги преземе – само велат дека одговорност ќе има.

„Работа на претседател на Собрание не е да толкува Устав, тоа е работа на Уставниот суд. Отфрлањето на иницијативата за Референдум е поради измислени и противправни причини. Каква и да иницијатива да поднесе ВМРО-ДПМНЕ или граѓани тие ќе најдат пречка или точка или запирка тоа да го спречат. Тоа го видовме во објаснувањето на Талат Џафери. Но, партиските органи ќе заседаваат и ќе разговараме за идни чекори. Ние во минатото сме поднесувале кривични пријави, но тие веднаш се отфрлале зашто имаме држава со заробено судство, но ова не застарува и одговорност секако ќе има.“ изјави Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Реакциите од владејачкото мнозинство се спротивни – дека одлуката била исправна, зашто како што тврдат, иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ била спротивна на Уставот и на интересите на државата.

„Договорот за добрососедство е меѓународен договор, а членот 118 од Уставот јасно предвидува дека Меѓународните договори што се ратификувани се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со Закон. Затоа што според Уставот прекинување на правно дејство значи менување. Тоа го знаат и во ВМРО-ДПМНЕ, па затоа вчера цитираа погрешен член 24 од Законот за референдум кој се однесува на консултативен референдум, а не на задолжителен како што бараат во иницијативата. Очигледно, Мицкоски намерно ја има смислено и поднесено оваа иницијатива на правно неиздржан начин, спротивно на македонскиот Устав.“, оцени Мартин Костовски од СДСМ.

Втората по големина партија во владата – ДУИ, ја повикува опозицијата на конструктивност и запирање на, како што ги нарече, иницијативи насочени против ЕУ интеграциите.

„Демократската Унија за Интеграција (ДУИ) ја повикува опозицијата да го прифати и поткрепи Договорот за добрососедство со Република Бугарија кој што е меѓународен договор и согласно Уставот неговото правно дејство не може да се менува. Очигледно, опозицијата намерно ја има смислено и поднесено иницијативата на правно неиздржан начин за организирање референдум, која е спротивно на Уставот, и со единствена цел, за да биде одбиена и притоа да создава поделби и тензии меѓу граѓаните.“, истакна Арбер Адеми од ДУИ.

Отфрлањето на иницијaтивата на ВМРО-ДПМНЕ отвори и јавна дебата меѓу дел од експертите.

Поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски, во изјава за медиуми, вели дека Џафери требал да дозволи собранието да се произнесе за иницијативата, а не сам да ја носи одлуката. Поранешниот професор Темелко Ристески пак смета дека самата иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ била недопуштена.

Спикерот Џафери во вчерашното соопштение наведе дека иницијативата не е прашање за кое може да се распише референдум на државно ниво зашто, како што образложи, „меѓународните договори ратификувани во согласност со уставот се дел од внатрешниот правен поредок не може да се менуваат со закон“.

XS
SM
MD
LG