ВМРО-ДПМНЕ е решена да ја истурка иницијативата за референдум за поништување на Договорот за добрососедство со Бугарија. Партискиот врв, наспроти проценките на власта, е уверен дека референдумот ќе успее.
Но, прашањето е што ако не биде така. Одговорот го даде лидерот Христијан Мицковски – каков и да биде епилогот, неговите пратеници нема да поддржат промена на Уставот заради вклучување на Бугарите.
„Единствен начин да видиме дали ќе има излезност е да се одржи тој референдум, да не се бараат формални изговори, туку да се поддржи таа иницијатива и да видиме дали граѓаните ќе бидат „за“ или „против“ и од тоа нема поедноставен начин. Јас ги охрабрувам, демократски, во насока на европскиот дух кој од нивните усти додека крадат не престанува да излегува, и сега тоа да го направат и да ги мобилизираат оние малкумина да излезат и се произнесат во согласнсот со нивните политики. Јас сум сигурен дека ќе успее референдумот. Но, без разлика на резултатот, ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на Уставот под овие околности. Тоа го повторувам, без разлика какви ќе бидат резултатите од референдумот“, рече Мицкоски.
Истовремено, Мицковски покажува подготвеност за корекција на иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ која минатата недела беше доставена во Собранието и на која не стои уставното име на државата, туку е адресирана до претседателот на Собранието. Се шпекулира дека токму таквата формулација може да биде основа за отрфлање на иницијативата.
„Тие можат да наоѓаат изговори колку сакаат и да ја одложуваат работата. Нас ни е важна суштината, а не формалноста. И ако е тоа пречка ќе ја коригираме таа пречка и ќе ја доставиме онака како што тие ценат дека треба да се достави, само да имаме успешна процедура, демократски да дозволиме граѓаните да се изјаснат за политиките на Владата поврзани со Договорот со Република Бугарија.“
Спикерот Талат Џафери, кој е на службен пат, се` уште не ја видел иницијативата. Најавите од неговиот кабинет се дека тој утре се враќа на работа за кога и се очекува да го види документот.
Претседателот на Собранието иницијативата ја препраќа до законодавно-правната и до комисијата за политички систем. Ако се утврди дека иницијативата е уредна, ВМРО-ДПМНЕ може да почне со постапката за, во рок од 3 месеци, да се соберат 150.000 потписи неопходни за одржување референдум.
Ако тие потписи бидат собрани, тогаш може да се премине на спроведување на референдумот за, кој за да биде успешен, потребно е да излезат најмалку 910 000 гласачи и мнозинството од нив да се изјаснат дека се „за“ поништување на Договорот со Бугарија.