На самитот во Белград, Србија, Северна Македонија и Албанија потпишаа договор за обезбеденост со храна. Тоа значи меѓусебна помош во случај на недостаток на храна поради глобалната криза – Скопје, Белград и Тирана договорија да нема забрана за извоз на храна во членките на „Отворен Балкан“.
„Зимата која пред нас доаѓа ќе биде долга и најтешка по Втората светска војна и тоа за целиот свет. Како што гледам денеска, подобро да бидеме заедно, отколку секој самостојно да ја препродува. Тоа е суштината на `Отворен Балкан` - поврзување, солидарност, добрососедство и се со цел подобрување на живото на граѓаните. Тоа го имаме на ум и во овие кризни времиња. Природно е да се свртиме кон оние кои ни се најблиски и да работиме тесно за да обезбедиме достапност на храна и договоривме прво меѓу себе да си помагаме доколку се соочиме со недостиг на домашните пазари“, изјави Димитар Ковачевски, премиер на Северна Македонија.
Друга клучна тема за која се разговараше во Белград беше енергетската криза и снабдувањето со електрична енергија. Балканските лидери очекуваат, ако има потреба, асистенција да пружи Европската Унија.
„Видовме дека одредени документи протекоа од ЕУ во кои пишува на кој начин Унијата ќе се обиде да им помогне на одредени земји-членки, особено затоа што се трошат огромни суми за набавка на струја. Како Западен Балкан ќе се обидеме да бараме поддршка за купување на недостатокот на струја што ќе се појави и да бидеме дел од заедничките систем на ЕУ. Ако тоа ни го дозволат, ќе биде многу важно за целиот регион, на сите земји ќе го олесни презимувањето и преживувањето.“, изјави Александар Вучиќ, претседател на Србија.
Албанскиот премиер, во за него препознатлив стил, директно побара Унијата во однос на прашањето на енергетска помош за Западен Балкан пак, како што рече, да не се посрамоти како што тоа го направи за време на пандемијата.
„Денеска сакам да се обратам до ЕУ, да апелирам да не ја направи истата грешка како за време на пандемијата. Многу добро паметиме како земјите од Западен Балкан беа приморани да бараат помош од Кина, Русија.... ЕУ тогаш се затвори и се грижеше само за своите членки“, истакна Еди Рама, премиер на Албанија.
Во пресрет на денешниот лидерски состанок, вчера во Белград се одржа вински саем на земјите од „Отворен Балкан“. „Ѕвезда на вечера“ беше српскиот претседател, кој според видеата кои се проширија на социјалните мрежи, испил малку повеќе...
Денеска тоа ниту Вучиќ не го сокри.....
„Синоќа во 23.30 минути ми заврши работниот ден... Можете да замислите колку ќе бевме успешни секогаш да сме трезни, понекогаш да не сме малку пијани...“, изјави Вучиќ.