Линкови за пристапност

Историјата ќе биде услов за влез во ЕУ, вели бугарскиот амбасадор во Вашингтон  


Од потпишувањето на вториот билатерален протокол за исполнување на Договорот за добрососедство и пријателство од 2017 година во јули во Софија
Од потпишувањето на вториот билатерален протокол за исполнување на Договорот за добрососедство и пријателство од 2017 година во јули во Софија

Георги Панајотов, новиот бугарски амбасадор во Америка, вели дека треба да се објасни зошто браќата Манаки се слават како херои кога одиграле клучна улога во регистрацијата на битолските Евреи пред депортацијата

Услов бугарската влада да поддржи отворање и затворање на поглавјата со Европската Унија е Северна Македонија во целост да ги исполни одредбите од Договорот од 2017 година, во кој многу важен дел се историските прашања, вели новиот бугарскиот амбасадор во Вашингтон Георги Панајотов во интервју за Гласот на Америка.

Тој рече дека мешовитата комисија составена од македонски и бугарски историчари ќе мора да ги реши сите периоди од заедничката историја пред Северна Македонија да влезе во Европската Унија.

„Многу важен дел од Договорот од 2017 година е билатералната Комисија за историски и образовни прашања и нејзината работа на објективно, научно толкување на заедничката историја на двете земји“, рече Панајотов.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, пак, веднаш по потпишувањето на вториот билатерален протокол за исполнување на Договорот за добрососедство и пријателство од 2017 година, рече дека историските прашања нема да бидат одредница за отворање и затворање на поглавјата со ЕУ.

Тој потенцираше дека Бугарија нема да има основ за ново вето на патот кон ЕУ врз основа на работата на историската комисија.

Панајотов рече и дека штом ќе се реши историското прашање, проблемот со јазикот нема да може да го наруши односот меѓу двете држави.

Според него, малите промени во францускиот предлог не ја смениле суштината на бугарските барања, и оти ако тоа било случај, Бугарија немала да го тргне ветото.

Бугарскиот амбасадор, меѓудругото, зборуваше и за санкционирање на говорот на омраза, како и за депортацијата на македонските Евреи во Треблинка, велејќи: Како е можно браќата Манаки да се слават како херои во сегашната Северна Македонија додека тие одиграа клучна улога во регистрацијата на битолските Евреи кои требаше да бидат депортирани?

Претседателот Бајден го поздрави новиот амбасадор во Вашингтон на 27 јуни годинава
Претседателот Бајден го поздрави новиот амбасадор во Вашингтон на 27 јуни годинава

Глас на Америка: Амбасадоре, што беше различно и клучно во изменетиот француски предлог во споредба со првичниот, што доведе Бугарија да го тргне ветото?

Панајотов: Бугарија одлучи да го поддржи првичниот предлог на Претседателството на Советот и нашиот парламент го изгласа тоа на 24 јули. Не ја донесовме оваа одлука лесно, но прифативме дека гаранциите, обезбедени со преговарачката рамка, заклучоците на Советот и билатералниот протокол, се доволни за да се компензира недостатокот на доверба и се здрава основа за обновување на нашето партнерство. Малите промени што следеа во она што разговорно е познато како изменет француски предлог од 30 јуни, не ја сменија суштината на предлогот. Да го стореле тоа, Бугарија немаше да ги укине резервите за време на гласањето во Европскиот совет. На крајот на краиштата, бугарската влада беше обврзана со условите поставени со правно обврзувачката одлука на нашиот Парламент.

Глас на Америка: Бугарија испрати декларација до ЕУ во која тврди дека не го признава македонскиот јазик. Верувате ли дека ваквото однесување на Бугарија е во согласност со вредностите на ЕУ за самоопределување?

Панајотов: Навистина е така. Можеби се сеќавате дека Советот на ЕУ ја призна декларацијата на Бугарија преку сопствената декларација на Советот, одобрена од сите земји-членки. Во текот на претходните векови, огромен број Бугари го оставија своето јазично и литературно наследство на она што денес е територија на Северна Македонија. Да се тврди дека нивниот идентитет и дело сега се само дел од македонското наследство и дека бугарскиот јазик што го користеле е македонски јазик е чин на културно присвојување. Овој чин го повредува правото на самоидентификација на Бугарите не само во историски контекст. Потомците на креаторите на ова јазично и книжевно наследство, кои сега живеат, и во Бугарија и во Северна Македонија, се огорчени од она што го сметаат за обид за етничка асимилација. Јазичното прашање е цврсто проткаено со историското прашање. Штом ќе постигнеме договор за историското прашање, сигурен сум дека ниту едно лингвистичко прашање нема да ја наруши нашата врска.

Глас на Америка: Признава ли Бугарија постоење на посебен етнички македонски идентитет?

Панајотов: Бугарија отсекогаш го поддржувала правото на секој и на сите поединци да се идентификуваат како што сметаат дека е соодветно и секогаш го почитувала тој избор. Ние веруваме дека е неопходно да се реагира само кога овој процес вклучува каква било форма на угнетување или културно присвојување, вклучително и постхумно етничко присвојување на самопрогласените Бугари. Ние, исто така, сакаме да осигураме дека оние кои се идентификуваат како етнички Бугари повеќе да не треба да бидат принудувани да се откажуваат од својот идентитет и повеќе да не бидат подложени на заплашување. Мора да биде многу јасно дека заштитата на правата и културното наследство на која било од различните заедници во Северна Македонија не треба да се поистоветува со оспорување на идентитетот на која било друга група. Напротив, тоа е патот кон градење на успешно мултиетничко општество.

Глас на Америка: Ќе бара ли Бугарија промена на историјата како услов за да ѝ дозволи на Северна Македонија да ги отвора и затвора поглавјата во преговорите со ЕУ?

Панајотов: Одлуката на нашиот парламент утврди правно обврзувачки услови за секоја бугарска влада да го поддржи секој иден чекор во процесот на проширување, вклучително и отворање/затворање на поглавјата од acquis. Овие услови се Северна Македонија целосно да гарантира еднакви права како на другите нејзини граѓани и на своето бугарско население, вклучително и преку релевантните уставни амандмани и целосно да ги спроведува одредбите од Договорот од 2017 година и неговите протоколи. Многу важен дел од Договорот од 2017 година е билатералната Комисија за историски и образовни прашања и нејзината работа на објективното, научно толкување на заедничката историја на двете земји. Во текот на изминатите неколку години, Комисијата постигна неколку важни препораки. Имплементацијата на овие и на сите идни препораки во двете земји е од клучно значење за надминување на штетните стари стереотипи и национални предрасуди и за изградба на иднина на взаемна поддршка и разбирање. Работата на Комисијата за сите периоди од нашата заедничка историја мора да заврши пред Северна Македонија да влезе во ЕУ и оваа заложба е дел од Протоколот од јули 2022 година.

Глас на Америка: Кога Бугарија зборува за борба против говорот на омраза, дали тоа значи дека ќе бара одговорност од сите, вклучително и автори, новинари, критичари и други, кои ќе работат и ќе се изразуваат на начин што Бугарија може да го смета за навредлив?

Панајотов: Секој може и треба да одговара за употребата на говор на омраза. Повиците за насилство, злоупотреба, лажно претставување, навредливи стереотипи и насочено малтретирање врз основа на етничкиот идентитет немаат место во 21 век. Ова е најсериозниот од сите проблеми и сите обиди да се префрли фокусот од неговиот ефект и врз Бугарите во Северна македонија и врз билатералните односи не се од помош. Адресирањето на говорот на омраза е клучен елемент и во стратегиите на ОБСЕ и на ЕУ за Западен Балкан. Текстот на Протоколот потпишан на 17 јули меѓу Бугарија и Северна Македонија ги одразува најдобрите практики на ОБСЕ и ЕУ. Бара напор од двете земји за секој случај поединечно, целосно почитувајќи ја потребата од фер процес. Силно ги охрабруваме нашите пријатели во Северна Македонија да воспостават позитивно искуство во овој поглед, обврска преземена според Договорот од 2017 година и неговите протоколи. Ова е во интерес на процесот на пристапување во ЕУ и уште поважно во интерес на граѓаните на земјата. Сигурен сум дека ќе се согласите дека дискриминацијата и поттикнувањето омраза кон дел од граѓаните на една земја врз основа на нивната етничка припадност е некомпатибилно со слободата, демократија, владеење на правото и почитување на човековите права. Овие фундаментални вредности го претставуваат темелот на ЕУ и НАТО и од нивните земји-членки се бара искрено и цврсто да се придржуваат кон него. Исто така, говорот на омраза е неприфатлив меѓу сојузничките земји. Особено во тешки времиња во кои живееме. Сојузничката солидарност треба внимателно да се негува, наместо да се поткопува со говорот на омраза од тоталитарната ера.

Глас на Америка: Европскиот суд за човекови права донесе 14 судски пресуди против Бугарија за кршење на права на македонското малцинство. Бугарија, пак, бара бугарските граѓани во Северна Македонија да бидат заштитени со Уставот. Според многумина, Бугарија постапува од позиција на моќ. Фер ли е да се каже така?

Панајотов: Споменатите одлуки на ЕСЧП се однесуваат на слободата на здружување. Тие не пропишуваат никаква обврска за државата да регистрира одредено здружение, туку да креира процедура за регистрација, што го овозможува тоа. Тоа го направи мојата земја, усвојувајќи ги потребните законски измени. Бугарија се придржува до највисоките меѓународни стандарди во областа на човековите права. Бугарија целосно ги гарантира индивидуалните права и слободи на лицата кои припаѓаат на малцинските групи. Второ, во однос на бугарските граѓани во Северна Македонија – не само што е легално и оправдано, туку и задолжително за една суверена земја да бара заштита на сопствените граѓани во странство. Меѓутоа, ако барате за граѓаните на Северна Македонија од бугарска етничка припадност, прашањето е опфатено во Протоколот од 17 јули 2022 година, во кој двете земји се согласија дека Бугарите мора да бидат вклучени во сите релевантни одредби од Уставот на Северна Македонија на еднаков начин како другите народи споменати таму. Трето, би сакал да повторам дека човековите права се цивилизациски избор. Етничките Бугари во Северна Македонија треба да ги имаат истите права и слободи како и сите други граѓани на оваа земја. Уставниот поредок на Северна Македонија предвидува колективни права за различните етнички групи. Затоа е неопходно да се вклучат Бугарите во Уставот на Северна Македонија. Со документирана историја на мнозинско присуство повеќе од еден милениум во она што е денес Северна Македонија, нема разумно објаснување зошто Бугарите се исклучени од Уставот на земјата.

Глас на Америка: Загрижени ли сте можни натамошни блокади од опозицијата во Северна Македонија?

Панајотов: Сведоци сме на процес на политичко позиционирање – кои партии во Северна Македонија го поддржуваат членството во ЕУ и добрите односи со соседните земји, и кои партии се против членството во ЕУ и против нормалните односи во регионот. Јавноста во Северна Македонија ќе треба да одлучи по кој пат ќе тргне и дали иднината на земјата е во или надвор од ЕУ. Оваа ситуација на колебање е дијаметрално спротивна на политичкото размислување во Бугарија.Нашиот парламент одлучи да ги укине бугарските резерви кон интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ со широка поддршка од целиот политички спектар. Не се сомневаме во нашата цврста волја да ја видиме Северна Македонија во ЕУ и продолжуваме да го поддржуваме Скопје во овој поглед.

Глас на Америка: Ќе работите ли со американските колеги да ѝ помогнете на Северна Македонија побрзо да влезе во ЕУ?

Панајотов: Одговорот е јасен. Јас веќе го правам тоа. За Бугарија, САД се сојузник, стратешки партнер и пријател и сигурен сум дека тоа целосно важи и за нашите колеги од Северна Македонија. Од предавањето на моите акредитивни писма до претседателот Бајден на 28 јуни, се среќавам со високи претставници на администрацијата, како и со американски сенатори и претставници. Заедничката иднина на Бугарија и Северна Македонија во ЕУ секогаш беше дел од дискутираните теми. Сметам дека е особено силна заедничката порака на секретарот Блинкен и високиот претставник/потпретседател на Европската комисија Борел од 9 јули за поддршка на Северна Македонија да ги отвори пристапните преговори со ЕУ. Нашите партнери од САД го поздравија компромисниот предлог кој ги зема предвид интересите и грижите и на Бугарија и на Северна Македонија и го охрабрија парламентот на Северна Македонија да донесе суверена одлука во клучен момент. Треба да ги признаеме и напорите на ЕУ и преговарачките тимови на претседателот Макрон. Сепак, морам да нагласам дека пристапувањето во ЕУ зависи од принципот „сопствени заслуги“ во исполнувањето на релевантните критериуми. Брзината на интеграцијата на Северна Македонија се одредува пред сè според нејзината сопствена посветеност на процесот.

Глас на Америка: Следната година се навршуваат 80 години од депортацијата на македонските Евреи во Треблинка од страна на бугарската војска. Дали бугарската влада ќе ја признае и ќе се извини за оваа трагична историја?

Панајотов: Од 2018 година, Бугарија е членка на Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот (ИХРА). Како земја членка на ИХРА, Бугарија става акцент на важноста на сеопфатно и научно истражување на Холокаустот, како и на борбата против искривувањето и негирањето на Холокаустот. Ова е единствениот начин да се обезбеди ефикасна, историски информирана противреакција на современиот антисемитизам. За да се разберат трагичните настани од пред 80 години, треба да се знаат фактите. Бугарија, во тоа време сојузник на Германија, привремено управуваше со делови од германската окупирана северна Грција и тогашна Југославија. Бугарија немала никаков суверенитет над овие земји, бугарските трупи и администрација, составена претежно од локално население, биле подредени на локалната германска команда и германските власти не им дозволувале на локалните Евреи да добијат бугарско државјанство. Во овие околности, 11.343 локални Евреи биле депортирани во нацистичкиот логор Треблинка. По војната, Бугарија исплати репарации на Грција и тогашна Југославија и одговорните за воените злосторства беа изведени пред лицето на правдата, а многу од нив беа префрлени на грчките и тогашните југословенски власти за оваа цел. Ова е историскиот контекст на оваа трагедија. Бугарската историска наука и бугарската држава никогаш не се оддалечија од трагедијата на 11.343 Евреи од делови на тогашна Југославија и делови од северна Грција. Бугарските политичари, државни функционери и други јавни личности постојано го почитуваат споменот на овие жртви. Во својата декларација од март 2013 година, Националното собрание го осуди криминалниот чин на нацистичката команда и изрази жалење што не е во моќ на локалната бугарска администрација да го спречи. Денешниот наратив во Северна Македонија, сепак, е сосема поинаков. Тој е селективен, ненаучен и служи за политички цели, во целосна спротивност со принципите на истражувањето на Холокаустот. Нашата надеж е дека неодамнешното пристапување на Северна Македонија во ИХРА ќе ѝ помогне на земјата да ја напушти политичката реторика „сите Бугари се фашисти“ и да се фокусира на научните истражувања на Холокаустот и на сеќавањето на жртвите. Ова во голема мера ќе ја олесни објективната јавна дебата и позитивното политичко дејствување од двете страни на границата. Покрај тоа, ова е неопходно, бидејќи многу епизоди од Холокаустот остануваат да се разјаснат и многу прашања бараат одговори. Еден пример - како е можно браќата Манаки да се слават како херои во сегашната Северна Македонија додека тие одиграа клучна улога во регистрацијата на битолските Евреи кои требаше да бидат депортирани? Следната година ќе ја одбележиме 80-годишнината од спасот на бугарските Евреи за време на Холокаустот. Овој чин на храброст и толеранција среде ужасите на Втората светска војна е позитивен пример како да се спротивставиме на антисемитизмот, кој треба да го паметиме и да го учиме на училиште. Всушност, и покрај сите тешкотии на војната и антисемитското законодавство, бугарската еврејска заедница беше единствената во континентална Европа која природно се зголеми во број за време на Втората светска војна. Ова е без пресметка за бројните Евреи од другите европски земји кои побараа засолниште од нацистичкиот прогон во Бугарија или безбедно преминување на Блискиот Исток.

Интервјуто е средувано заради јасност

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG