Линкови за пристапност

Зградите на Владата и министерствата без осветлени фасади - почнаа мерките за штедење струја


Најголем дел од објектите на државната и локалната власт вечерва, откако стапија на сила мерките за штедење на струјата потонаа во мрак. Сепак улиците, булеварите, билбордите и рекламите се осветлени како и вчера и деновите претодно. Дали градоначалниците заборавија на мерките или пак Владата не му даде инструкции на ЗЕЛС


СКОПЈЕ - Зградите на Владата, Собранието, министерството за правда, министерството за финансии, Јавното обвинителство од вечерва се без осветлени фасади и амбиентални осветлувања откако на сила стапија мерките за штедење на струја. Она што може да се забележи е дека најголем дел од државните објекти па и објектите на локалната самоуправа ги почтитуваат мерките со ретки исклучоци. Изгасени се светлата на дел од мостовите преку реката Вардар, но амбиенталното осветлување на тврдината Кале како и на крстот на врвот на Водно сеуште се функционираат.

И на седиштата на ВМРО - ДПМНЕ и СДСМ се изгасени амбиенталните фасадни светла но на пример непотребно е осветлен мини плоштадот кој најголемата опозициска партија го дели со седиштето на општинската организација на СДСМ - Центар и министерството за труд и социјална политика.

Сепак улиците и булеварите се целосно осветлени. Светат и билбордите, дел од плоштадите како и фасадите на трговските центри и хотелите.

Од денеска, покрај Кризната состојба во енергетскиот сектор и во снабдувањето со топлинска енергија на Град Скопје, на сила се и мерките за штедење за јавниот сектор кои ги најави Владата кон средината на минатиот месец. За граѓаните и за фирмите засега само препораки како да заштедат електрична енергија и со тоа да допринесат во што е можно полесно справување со кризата која ќе претстои во наредните месеци.

Со мерките за штедење кои ги изготви Владата предвидено е да се намали потрошувачката за 15 отсто што низ бројки би значело околу 21 гигават струја помалку што е речиси исто како целокупната дневна потрошувачка на струја во државата.

Мерките вклучуваат гасење на компјутерите и клима уредите во канцелариите на локалната и дрѓавната администрација, регулирање на клима уредните на 20 односно 27 степени во зависност дали се грее или се лади просторијата, потоа гаснење на непотребното декоративно осветлување на фасадите, објектите и спомениците, а на неопходен минимум ќе биде осветлувањето на патиштата, булеварите и улиците. На среднорочен план се предвидува замена на прозорци и врати и енергетска ефикасност на објектите во кои се сместени државните и локалните институции и претпријатија.

Во секоја установа ќе биде назначен раководител кој ќе треба да ја исполни бараната квота од 15 отсто помала потрошувачка на струја, и да поднесува месечен извештај. Доколку потфрли тој, како што најави министерот за економија Крешник Бектеши, ќе одговара според етичкиот кодекс пред Владата.

За граѓаните, односно домаќинствата, препораките предвидуваат вклучување бојлер по потреба и доколку е можно на евтина струја, вклуќување на машините за перење и за миење садови само кога се полни исто така на евтина струја, разумно користење на грејните тела, максимално користење на дневната светлина и топлината од сонцето, гаснење на светулките кога не се престојува во одередни простории, готвење во помали садови или во садови соодветни на големината на ринглата, кратко и интензивно проветрување на просториите.

Од денеска стапува на сила и кризната состојба во енергетскиот сектор, и во снабдувањето со топлинска енергија на град Скопје. Кризната состојба ќе биде на сила до крајот на септември, а потоа ќе ја продолжува Собранието, до крајот на грејната сезона, односно до април идната година.

Со прогласувањето на кризната состојба, Владата ќе може да ја субвенционира работата на државата ЕСМ со пари од Буџетот, како и непречено обезбедување на топлинска енегргија за скопјани.

XS
SM
MD
LG