Претседателот на САД Џо Бајден денес отпатува во Саудиска Арабија, за прва средба со престолонаследникот Мохамед бин Салман, наменета да го обнови долгогодишното партнерство на нивните две земји и покрај критиките на САД за злоупотребата на човековите права во кралството богато со нафта, објави Асошиетед прес.
Иако Бајден жестоко ја критикуваше Саудиска Арабија за репресијата врз дисидентите, особено убиството на новинарот Џамал Кашоги, тие грижи оттогаш беа засенети од други предизвици, вклучително и зголемувањето на цените на бензинот и иранската агресија на Блискиот исток.
Саудијците му приредија пригушен пречек на Бајден на аеродромот во Џеда, различно од церемонијата за неговата посета оваа недела во Израел.
Бајден беше пречекан од гувернерот на Мека, принцот Калид бин Фајсал и амбасадорката на Саудиска Арабија во САД, принцезата Рима бинт Бандар, а потоа прошета по тепих од лаванда до лимузината што го однесе до најочекуваниот состанок на неговото патување.
Иднината на регионот, вклучително и можноста за поблиски врски меѓу Саудиска Арабија и Израел, како и одливот и приливот на снабдувањето со нафта во светот може да зависи од односот помеѓу 79-годишниот претседател на САД и 36-годишниот саудиски крал.
Посетата веќе може да се гледа како победа за принцот Мохамед. Неговото доаѓање на власт воведе нова ера за кралството бидејќи работи на изградба на домашна воена и оружена индустрија, се одвикнува од потпирањето на нафтата за приходи и гради врски со Израел и другите нации.
Бајден досега одбиваше да разговара со принцот престолонаследник, а денешната средба може да му даде поголем легитимитет на неговиот пат до тронот.