Претседателот на САД Џо Бајден денес се сретна со палестинскиот лидер Махмуд Абас во окупираниот Западен Брег на разговори за економски мерки, вклучително и за значителен финансиски пакет за болниците во Источен Ерусалим.
Бајден најави пакет помош од 100 милиони долари за здравствените установи во областа како дел од повеќегодишната посветеност насочена кон помош на палестинските здравствени услуги.
„Овие болници се столбот на палестинскиот здравствен систем“, рече тој, поздравувајќи ја работата на медицинските сестри и раскажувајќи го искуството на сопственото семејство со потребата од итна медицинска помош.
Другите планирани најави се фокусираат на палестинскиот економски развој, како што е развојот на безжични мрежи 4Г во Газа и на Западниот Брег.
Следно Бајден оди во Саудиска Арабија. Само неколку часа пред неговото пристигнување, Саудиска Арабија доцна вчера објави дека го отвора својот воздушен простор за „сите превозници“, со што се става крај на забраната на земјата за летови до и од Израел.
Вчера Бајден се состана со израелскиот премиер Јаир Лапид. По нивната средба, двајцата лидери одржаа заедничка прес-конференција за да го споделат нивниот договор дека нема да дозволат Иран да стане нуклеарна сила.
Меѓутоа, тие не можеа да се договорат за најефикасните средства за спречување на иранскиот нуклеарен развој.
„Продолжувам да верувам дека дипломатијата е најдобриот начин да се постигне овој исход“, рече Бајден.
Лапид, пак рече дека „единственото нешто што ќе го спречи Иран е да знае дека ако продолжи да ја развива својата нуклеарна програма, слободниот свет ќе употреби сила“.
Израел беше главен критичар на меѓународниот договор потпишан во 2015 година меѓу Иран и група светски сили кои ја ограничија иранската нуклеарна програма во замена за олеснување на санкциите.
Бајден беше потпретседател на САД кога беше потпишан договорот, а неговиот претходник, поранешниот претседател Доналд Трамп, ги повлече САД од договорот во 2018 година.