Линкови за пристапност

САД и Израел потпишаа безбедносен пакт против иранската агресија


САД нагласуваат дека составен дел на ова ветување е посветеноста никогаш да не му се дозволи на Иран да се здобие со нуклеарно оружје, се вели во заедничкиот документ со израелскиот премиер Лапид
САД нагласуваат дека составен дел на ова ветување е посветеноста никогаш да не му се дозволи на Иран да се здобие со нуклеарно оружје, се вели во заедничкиот документ со израелскиот премиер Лапид

Претседателот на САД Џо Бајден денес се сретна со израелските лидери, со безбедносни прашања, војната во Украина и американско-израелските односи на агендата, за време на неговото прво патување на Блискиот исток по преземањето на функцијата.

Бајден и израелскиот привремен премиер Јаир Лапид потпишаа заедничка декларација со која ја потврдија посветеноста на САД за зајакнување на способноста на Израел да се брани.

„САД нагласуваат дека составен дел на ова ветување е посветеноста никогаш да не му се дозволи на Иран да се здобие со нуклеарно оружје и дека се подготвени да ги користат сите елементи на својата национална моќ за да го осигураат тој исход“, се вели во документот.

„САД дополнително ја потврдуваат посветеноста да работат заедно со другите партнери за да се спротивстават на иранската агресија и дестабилизирачките активности, без разлика дали се напреднати директно или преку посредници и терористички организации како Хезболах, Хамас и палестинскиот исламски џихад“, рече Бајден, по средбата со Лапид.

Според него, „огромното мнозинство на американската јавност, не само мојата администрација, е целосно посветено на безбедноста на Израел“.

Израел беше главен критичар на меѓународниот договор потпишан во 2015 година меѓу Иран и група светски сили кои ја ограничија иранската нуклеарна програма во замена за олеснување на санкциите.

Бајден беше потпретседател на САД кога беше потпишан договорот, а неговиот претходник, поранешниот претседател Доналд Трамп, ги повлече САД од договорот во 2018 година.

„Разговаравме за иранската закана. Нема да има нуклеарен Иран. Ова не е само закана за Израел, туку и за светот, и разговаравме за некои други прашања што ќе ги задржиме за себе“, рече Лапид.

Неодамна имаше напори да се постигне договор меѓу САД и Иран, вклучително и индиректни разговори во Виена.

Претставникот на администрацијата рече дека од американска страна, „вратата е отворена за дипломатијата“.

XS
SM
MD
LG