Линкови за пристапност

Јапонците му оддадоа почит на Шинзо Абе


 Голем број луѓе се собраа да се збогуваат од поранешниот премиер, кој денес беше погребан во Токио
Голем број луѓе се собраа да се збогуваат од поранешниот премиер, кој денес беше погребан во Токио

Јапонците денес му оддадоа почит на поранешниот премиер Шинзо Абе. Голем број луѓе се собраа во Токио да остават цвеќиња во негово сеќавање. Абе беше убиен минатиот петок во западниот град Нара за време на предизборен митинг.

Многумина од ужалените плачеа додека се поклонуваа со молитва пред храмот, каде се одржа приватна церемонија за 67-годишниот поранешен премиер, ограничена само на неговите блиски пријатели и семејството.

Ковчегот од храмот беше ставен во мртовечка кола за долга процесија низ центарот на Токио до погребната сала за кремирање. Илјадници жители беа наредени покрај поворката за да го испратат Абе.

Поворката помина неколку значајни места од политичката кариера на Абе, вклучувајќи ја официјалната канцеларија на премиерот, зградата на Парламентот и седиштето на неговата Либерално-демократска партија.

Вооружениот напаѓач осомничен за убиството на Абе, веднаш беше приведен.

Јапонските медиуми јавуваат дека осомничениот, поранешен припадник на Силите за самоодбрана на земјата, сакал да го убие Абе оти верувал дека тој е дел од неодредена религиозна група која, според него, е виновна за финансиската пропаст на неговата мајка.

Црквата на обединување, глобално религиозно движење основано во Јужна Кореја во 1950-тите, вчера потврди дека мајката на напаѓачот била членка, но не коментираше за какви било донации што таа можеби ги дала.

Дел од информациите во текстот се преземени од Асошиетед прес, Ројтерс и агенцијата Франс - прес

XS
SM
MD
LG