Линкови за пристапност

Убиецот на Шинзо Абе изјавил дека е незадоволен од Абе и дека сака да го убие


Поранешниот премиер Шинзо Абе, една од најистакнатите јапонски повоени политички фигури, почина денес откако беше застрелан во градите за време на предизборниот говор, соопштија медицинските власти.

67-годишниот Абе починал во болница во градот Нара, каде што бил на лекување откако бил застрелан со, како што изгледа, рачно изработен пиштол.

Абе говорел на мал настан на кампањата на улица пред железничката станица во градот Нара, источно од Осака, околу 11:30 часот по локално време, кога маж се упатил кон него и испукал два истрели.

Се чини дека видеата објавени на социјалните мрежи покажуваат како случајни минувачи се обидуваат да помогнат, додека Абе неподвижен лежи на земја.

Случајни минувачи се обидуваат да помогнат, додека Абе неподвижен лежи на земја
Случајни минувачи се обидуваат да помогнат, додека Абе неподвижен лежи на земја

Претставниците на болницата рекоа дека Абе не покажал витални знаци откако бил префрлен со хеликоптер во болница. Лекарите се обиделе да го запрат крварењето и да направат трансфузија на крв, но Абе бил прогласен за мртов во 17:03 часот. Тие рекоа дека еден од истрелите продрел во срцето на Абе, а другиот го погодил неговиот врат.

Убиецот, 41-годишен маж од Нара, е приведен. Се вели дека човекот, кој државната телевизија НХК го идентификуваше како Тецуја Јамагами, служел три години во јапонските сили за самоодбрана. Човекот и рекол на полицијата дека е незадоволен од Абе и дека сака да го убие, рекоа од телевизијата.

Убиецот на Шинзо Абе веднаш уапсен
Убиецот на Шинзо Абе веднаш уапсен

На снимката од пукањето се чини дека на улицата било пронајдено слично оружје во кутија со две дебели цевки, откако наводниот стрелец бил приведен.

Медиумите објавија дека оружјето најверојатно е рачно изработено. Јапонија има многу строги закони за оружје кои го прават речиси невозможно да се купи пиштол.

Смртта на Абе ќе остави празнина во јапонската политика. И, за време и по неговите два мандата, Абе имаше големо влијание врз насоката на земјата. Тој беше главен поборник за спротивставување на растечката сила на Кина и зајакнување на воениот буџет на неговата земја.

Јапонскиот премиер Фумио Кишида го осуди „варварскиот“ напад, велејќи дека се случил за време на избори кои го формираат срцето на јапонската демократија. Тој одби да ги коментира политичките импликации од пукањето. Јапонските власти соопштија дека изборите ќе продолжат.

Абе е јапонскиот премиер со најдолг стаж. Тој поднесе оставка во август 2020-та година, поради лоша здравствена состојба, но остана активен во политиката. Тој останува влијателен глас во владејачката Либерално-демократска партија во земјата.

Уште пред пукањето, Абе се очекуваше да има големо влијание на изборите во недела, чиј исход би можел да биде клучен не само за јапонската економија, туку и за нејзината идна одбранбена положба.

Слика направена пред да биде застрелан Абе
Слика направена пред да биде застрелан Абе

Абе беше еден од најистакнатите гласови кои повикуваа Јапонија да го ревидира својот пацифистички устав, кој беше подготвен од сојузничките сили предводени од САД кои ја окупираа земјата по Втората светска војна.

Рам Емануел, амбасадор на САД во Јапонија, рече дека САД се „тажни и шокирани“ од пукањето. „Абе-сан беше извонреден лидер на Јапонија и непоколеблив сојузник на САД“, додаде тој.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен, кој присуствува на самитот на Г-20 во Индонезија, рече дека тоа е „многу, многу тажен момент“.

Последниот политички атентат во Јапонија се случи во 2007-ма година, кога градоначалникот на Нагасаки беше застрелан. Службеник на јапонската социјалистичка партија исто така беше убиен за време на говор во 1960-та година од десничарски атентатор со самурајски меч.

Пукањето на Абе може да доведе до поголема безбедност на настаните во јапонската кампања, кои се релативно подостапни во споредба со многу земји.

XS
SM
MD
LG