Линкови за пристапност

Блинкен во Токио лично изрази сочуство за поранешниот премиер Шинзо Абе


Американскиот државен секретар Антони Блинкен денес изрази сочувство за време на посетата во Токио по атентатот на поранешниот премиер Шинзо Абе.

„Го споделив со нашите јапонски колеги чувството на загуба, чувството на шок што сите го чувствуваме, оваа ужасна трагедија и убиство“, им рече Блинкен на новинарите по средбата со премиерот Фумио Кишида. „Тоа е исто така голема загуба затоа што за време на неговиот мандат, премиерот Абе навистина ги подигна односите меѓу нашите земји на високо ниво“.

Абе беше убиен во петокот во градот Нара за време на предизборен говор.

Блинкен изјави дека отишол во Јапонија по наредба на американскиот претседател Џо Бајден, кој рекол „ние сме повеќе од сојузници, ние сме пријатели“.

„И кога пријателот е повреден, се појавуваат други пријатели. Се обидуваме да помогнеме да го олесниме товарот, да го споделиме чувството на загуба, да се справиме и тоа е она што се обидуваме да го направиме денес“, рече Блинкен.

Во неделата, Блинкен ја осуди репресијата од страна на мјанмарската хунта, истовремено барајќи од Кина и југоисточниот азиски блок на нации да извршат притисок врз воените владетели на Мјанмар да ја вратат демократијата и да се придржуваат до мировниот договор со кој се согласија минатата година.

Тој на прес-конференцијата во Бангкок рече дека и покрај минатогодишниот мировен договор „консензус од пет точки“ развиен од Асоцијацијата на нациите од Југоисточна Азија или АСЕАН, во која е вклучена Мјанмар, „нема позитивно движење“.

Во април минатата година, деветте други земји на АСЕАН и шефот на мјанмарската хунта Мин Аунг Хлаинг потпишаа договор кој вклучува итен прекин на насилството и продолжување на разговорите меѓу сите страни.

Блинкен, на турнеја низ азиските земји, се сретна и со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Тајланд, Дон Прамудвинаи. Тие потпишаа коминике за стратешкиот сојуз и партнерство на земјите, а потоа и меморандум за разбирање за промовирање на отпорноста на синџирот на снабдување меѓу Тајланд и Соединетите држави.

XS
SM
MD
LG