„Можноста повторно да се добие некој договор може воопшто и да не дојде, но и во случај да дојде тој договор нема да биде подобар“.
Ова е пораката на Берлин до политичарите и до граѓаните на Северна Македонија што би се случило доколку актуелниот модифициран француски предлог за надминување на бугарската блокада не помине во земјава.
Проценката ја испорача Мануел Сарацин, специјалниот претставник за Западен Балкан на Германија, една од клучните и највлијателни земји членки на Европската Унија. Денеска и тој од Скопје, како и претседателот на Советот на ЕУ вчера, уверуваше дека најчувствителните елементи за македонската страна – јазикот и идентитетот, не се загрозени на каков било начин во предложениот документ.
„За мене лично е многу важно овој процес со С Македонија да се случи. Овој европски компромис е шанса. Овој предлог предвидува веднаш почеток на пристапните преговори по прифаќањето на овој договор без натамошни одолговлекувања. Можам да ја разберам критиката за овој предлог и можам да ја разберам грижата за сопствениот идентитет и јазик. Националниот македонски идентитет и македонски јазик се јасни за Германија, но со овој предлог тие се сочувани. Сега е дојден моментот да го направите следниот чекор“, рече Сарацин.
Посетата на Сарацин, како и на Шарл Мишел се смета за мисија на Унијата за охрабрување на државата да го преземе чекорот и да се деблокира евроинтеграцискиот процес, што би било позитивен сигнал за регионот во исклучително турбулентен период по руската агресија врз Украина и ефектите врз Западен Балкан.
Владата, која е под притисок на опозицијата и секојдневните протести кои веќе стануваат насилни, повикува на рационалност, мудрост и искористување на оваа шанса.
„На чекор сме од историска шанса за отворање на преговори без дополнителни одлагања со заштитен македонски јазик и идентитет. Сега кога се отвораат вратите да продолжиме кон европскиот пат, потребна е одговорна и рационална одлука.... Пред нас имаме европски предлог за почеток на преговори во кој се внесени нашите македонски позиции. Не знам на кого би му одговарало да ја оставиме државата во незивесност и турбуленции“, изјави Бојан Маричиќ, вицепремиер за европски прашања.
Проценките на владата, но и на европските престолнини се дека секое натамошно одложување значи чекор назад и дека времето не работи за Северна Македонија.
Пораките се дека во наредните денови мора да се донесе одлука за ова прашање за кое има разногласие меѓу мнозинството и опозицијата кои денеска, на ниво на работни групи, ги почнаа консултациите околу содржината на предлогот.