Линкови за пристапност

Итно да се отворат преговорите со Северна Македонија и Албанија, порача евроамбасадорот Гир за Денот на Европа


Северна Македонија секогаш ќе биде Европа, изјави Ковачевски кој денеска директно не зборуваше за блокадите на патот кон Унијата
Северна Македонија секогаш ќе биде Европа, изјави Ковачевски кој денеска директно не зборуваше за блокадите на патот кон Унијата

Стариот континент го слави 9 Мај, Денот на Европа, но овојпат во ситуација кога на негово тло се води најголемиот конфликт по завршувањето на Втората светска војна - руската агресија врз Украина.

Во таква атмосфера помина Денот на победата на фашизмот и во земјава која даде илјадници жртви во борбата за слобода во Втората светска војна.

„Поклонувајќи се на жртвите и борците да ѝ се поклониме на Република Северна Македонија на нејзиниот влог во цивилизацијата и слободата. Верувајте, оваа земја никогаш нема да биде нешто друго. Таа е антифашистичка творба“, изјави Никола Стојановски, претседател на Сојузот на борците.

Според премиерот Димитар Ковачевски, од сегашен аспект од огромно историско значење е што создавањето на македонската држава се остварило низ учеството во антифашистичкиот сојуз.

„Северна Македонија секогаш ќе биде Европа“, изјави Ковачевски кој денеска директно не зборуваше за блокадите на патот кон Унијата.

„Ние граѓаните на Северна Македонија ја избравме Европа и Унијата затоа што се изградени на вредности во кои веруваме и ги практикуваме и ние. Оттаму кога велиме дека ЕУ е избор на нашите граѓани, велиме дека тоа е и избор за економски посилна Европа, поправедна и побезбедна Европа која ни припаѓа на сите нас. Затоа сме горди и на овој избор ја избравме иднината на ЕУ и иднината што му припаѓа на секој европски граѓанин“, рече Ковачевски.

Пристапувањето кон Унијата беше дел од дел од настапот на евроамбасадорот Дејвид Гир, кој ја пренесе пораката од Брисел дека стартот на преговори е стратешки интерес и на Брисел.

„Во стратешки интерес и на ЕУ и на регионот е процесот на пристапување да напредува сега. Во практика тоа значи итно отворање на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија. Паралелно земјата мора да продолжи да напредува во својот реформски пат за да биде целосно подготвена откако ќе ја преземе одговорноста за членството. Овие реформи започнуваат со зајакнување на владеењето на правото, борбата против корупција и опипливи чекори за подобрување на животот на граѓаните“, изјави Гир.

Вашингтон порачува дека приемот на Северна Македонија во Унијата ќе донесе поголема сигурност и безбедност на Балканот, особено во контекст на нестабилноста што ја продуцира Русија.

„Денешна Европа е пообединета од кога било и се соочува со најголемата закана кога пред години беа дадени многу жртви. Додека сведочиме на неправедниот и неиспровоциран напад на Русија врз Украина гледаме како се менува историјата. Тоа е срам за оние кои се бореа да ја ослобдат Европа од стегите на фашизмот, неправда за оние кои сакаат да го зацртаат сопствениот пат и да ја изберат сопствената иднина. Свесни сме за тежината на овој момент и горди сме што заедно со Северна македонија и други НАТО сојузнички ја поддржуваме Украина. Обединетоста е суштинската идеја која стои зад Денот на победата над фашизмот“, изјави американската амбасадорка Кејт Брнз.

„Чекајќи го Годо“, така е именувана уметничката акција поставена во центарот на Скопје со која беше одбележан денот на Европа.

Оваа инсталација, инспирирана од состојбите прикажани во познатата драма на Семјуел Бекет, како што објаснуваат организаторите, треба да го прикаже односот на Европската унија кон пристапувањето на Северна Македонија.

Ковачевски: Северна Македонија секогаш ќе биде Европа
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:09 0:00

XS
SM
MD
LG