Линкови за пристапност

Одобрување или оправдување воено злосторство е кривично дело


Вести со навредливи содржини
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:12 0:00

Бројни коментари со навредлива содржина, може секојдневно да се прочитаат на социјалните мрежи под текстови поврзани со руската инвазија на Украина. Бидејќи формата на коментарите е иста, а понекогаш и скоро идентична, овие центри на моќ лесно може да се идентификуваат, вели медиумскиот истражувач, Петрит Сарачини

„Имаме одредени политички центри, кои преку ботови односно лажни профили и оркестрирана пропаганда, каде очигледно се дава некоја наредба од некој центар, на некоја фејсбук група или на некој приватен чет, каде тие се организираат, се дава наредба да се прават овие коментари. Дел од кои не ја ни кријат нивната блискост до Русија“, вели Сарачини.

Целта на ваквите коментари е да се влијае врз намалување на поддршката на Украина, вели аналитичарот Елмас Хасановиќ.

„Ваквите коментари на негирање на воените злосторства и говорот на омраза се резултат на штетното влијание на добро координирана руска дезинформативна кампања и пропаганда и се силен показател дека одреден дел од нашето население ги оправдува политиките на Кремљ. И, тоа е поразителен факт за едно демократско општество какво што сме ние и предизвикува чувство на загриженост“, вели Хасановиќ.

Инаку МВР најави дека ќе ги санкционира сите изјави и коментари на социјалните медиуми, поврзани со случувањата во Украина. Велат дека одобрувањето или оправдувањето на воените злосторства е кривично дело, предвидено со Кривичниот закон. Заедно со Јавното обвинителство ќе преземат мерки против сите сторители кои со своите објави и јавно изнесени ставови ќе го сторат истото.

Хасановиќ на ова повеќе гледа како на подигање на свеста кај граѓаните, но и на превенција вакви појави за во иднина. Сарачини пак вели дека не треба да се заборави оти во земјава има долгогодишна култура на не казнивост на кривични дела, поврзани со оправдување или негирање на воени злосторства.

„Но не сум сигурен колку тоа би влијаело на намалување на говорот на омраза во иднина, се додека не видиме конкретен случај на казнување. Ваквите коментари кои најчесто се објавуваат онлајн се анонимни и тие се тешко казниви“, додава Хасановиќ.

„И оваа атмосфера создава охрабрување за овие луѓе да продолжат во таа насока. Не се бројат ни на прсти случаи каде има некаква судска одлука или обвинение, кое завршило ефективно со казна на такви сторители. Затоа треба да има одговорност од институциите да постапуваат поригорозно по овие појави“, додава Сарачини.

За Сарачини важна улога овде имаат и медиумите, кои не треба да дозволуваат ваквите коментари да се шират преку платформите кои тие ги контролираат.

„Нивна е одговорноста да ги бришат тие коментари и да ги пријавуваат соодветно на твитер и на фејсбук и да се оневозможи ширењето на говорот на омраза преку онлајн платформите, кои ако не се санкционира се прелева во реалниот свет и се претвора во вистинско насилство“, вели тој.

Од МВР за Глас на Америка велат дека од страна на секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, постапувале по две пријави за „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на комјутерски систем“, и оти се преземале мерки за нивно комплетно расчистување, по што ќе следат соодветни поднесоци. Апелираат да се внимава при јавното пишување, бидејќи одржувањето на нивото на јавна свест значи грижа за она што навистина претставува јавен интерес.

XS
SM
MD
LG