Линкови за пристапност

Северна Македонија протера уште шест руски дипломати


Како и со неодамнешниот случај со протерувањето пет руски дипломати, МНР и овојпат не навлегува во детали зошто е побарано тие да си заминат од земјава
Како и со неодамнешниот случај со протерувањето пет руски дипломати, МНР и овојпат не навлегува во детали зошто е побарано тие да си заминат од земјава

Дополнителни шест руски дипломати си заминуваат од Северна Македонија. Денеска во Министерството за надворешни работи бил повикан рускиот амбасадор Сергеј Баздникин, кому му била врачена нота во која се посочени шестемина дипломати кои се прогласени за персона нон грата.

Како и со неодамнешниот случај со протерувањето пет руски дипломати, МНР и овојпат не навлегува во детали зошто е побарано тие да си заминат од земјава.

„Врз основа на информациите добиени од надлежните органи, посочените извршувале активности кои се во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи и ќе треба да ја напуштат територијата на Република Северна Македонија во наредните пет дена“, се вели во соопштението на македонското МНР.

Шефот на дипломатијата, објавувањето на новата одлука за протерување нови руски дипломати, која укажува на сериозен надолен тренд во односите меѓу Скопје и Москва од почетокот на руската агресија врз Украина, ја дочека во Сараево каде е во посета на Босна и Херцеговина.

За ова прашање не стана збор на прес-конференцијата. Она, на што Бујар Османи се фокусираше беа евроинтеграциите кои остануваа во статус кво позиција поради бугарското вето.

„Продолжуваат разговорите со Бугарија со цел подигнување на рампата за отоврање на преговорите. Свесен сум деа овие блокади создаваат фрустрации кај граѓаните, но ние не се откажуваме од овој процес. Напротив, посветено работиме и на реформите внатре и на билатералните односи соседите“, рече Османи.

Но, тој процес, засега не остава многу простор за оптимизам. Од Софија денеска стигна порака до Османи по неговата изјава дека „има документ како основа за договор со Бугарија кој е прифатлив за македонската страна“.

„За време на состанокот во февруари, Бугарија ја информираше Република Северна Македонија дека нивните предлози не се прифатливи и дека разговорите треба да продолжат“, е одговорот од бугарското МНР кој го пренесоа медиумите во Софија.

Ваквото јавно праќање пораки на релација Скопје-Софија, овдешната опозиција го смета за показател дека се одвиваат преговори за сметка на идентитетот. Бара да се обелодени документот за кој зборува Османи.

„Дали Владата на Димитар Ковачевски оди по стапките на претходникот Заев и се откажала од идентитетските обележја, историјата и јазикот? За ова треба да дадат одговор денес, а не да молчат и да кријат цело време. Зошто тој документ е таен и што има Владата да сокрие од македонската јавност? Доколку се` е како што велат во интерес на граѓаните зошто би го криеле“, изјави Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Атмосферата е слична и во Бугарија, но таму за позициите за Македонија премиерот Кирил Петков е напаѓан од две партии кои се дел од неговата влада.

Во таква ситуација во двете држави, Петков утре доаѓа во земјава за да присуствува на отворање бугарски културни центри во Охрид и во Битола, чин што се смета за знак на подобрување на односите, што сепак не значи и можна најава за кревање на ветото.

Бугарскиот премиер Петков в сабота во Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:58 0:00

XS
SM
MD
LG