Украинскиот претседател Володимир Зеленски во вторникот пред Советот за безбедност на ОН изјави дека светот „допрва треба да ја дознае целосната вистина“ за руските злосторства во другите украински градови, освен наводните брутални егзекуции, силувања и напади врз цивили откриени во последните неколку дена во предградието на Киев, Буча.
„Сега светот може да види што направи Русија“, рече Зеленски во 15-минутното видео обраќање додека апелираше до ОН „да му покажат на светот - како Русија ќе биде казнета“.
Зеленски, седејќи на бирото во кафена маица покрај сино-жолтото украинско знаме, рече дека руската инвазија и напад врз неговата земја, која трае повеќе од шест недели, „ја поткопува целата структура на глобалната безбедност“.
„Руската војска мора веднаш да биде изведена пред лицето на правдата“, рече тој. Тој не кажа точно како сака ОН да дејствуваат иако постојано апелираше за поголема воена помош од Западот и повеќе смртоносно оружје. Русија, со право на вето врз активностите на Советот за безбедност, сигурно би го блокирала секој обид на Обединетите нации директно да интервенираат во војната.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен, пред да замине од Вашингтон на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел на дискусии за украинскиот конфликт, им рече на новинарите дека ужасите откриени во Буча „не се случаен чин на непријателска единица. Тоа е намерна кампања да се убива, да се мачи, да се силува, да се вршат ѕверства. Извештаите се повеќе од веродостојни, доказите се таму за светот да ги види“.
Тој рече дека дејствијата на Русија ја зајакнуваат решеноста на земјите ширум светот да има одговорност за оние кои ги извршиле овие дела, но и за оние кои ги наредиле. Блинкен додаде: „Исто така постои силна решеност да се осигураме дека правиме се што можеме за да продолжиме да ја поддржуваме Украина во нејзината храбра борба да ја истисне руската агресија надвор од Украина и, се разбира, да го одржиме и зголемиме притисокот врз Русија“, изјави првиот дипломат на САД.
Обраќањето на Зеленски во ОН дојде еден ден откако американскиот претседател Џо Бајден рече дека рускиот лидер Владимир Путин треба да се соочи со судење за воени злосторства.