Линкови за пристапност

Фабрики од Украина префрлаат дел од производството во Северна Македонија


Фабрики од Украина префрлуваат дел од производствените процеси во
Северна Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:50 0:00

Првите машини од фабриката на германската компанија за автомобилски делови ОДВ Електрик во Украина, пристигнаа во нивната фабрика која се наоѓа во технолошко индустриската зона кај Струга.

За почеток ќе се префрлат 300 работни места. Не станува збор за вработените од Украина, туку за линиите и производствените процеси.

Една третина од вкупно 1.700 работни места колку што пред војната броела фабриката во Украина, ќе се префрлат во нивните фабрики низ Европа.

„Точно три недели по отпочнувањето на војната, ние првата линија овде ја имавме не само донесено, туку и инсталирано и почнавме со производство“, вели Огнен Цубалески, директор на ОДВ Електрик во Северна Македонија.

Цубалески објаснува дека уште на 24. февруари, кога започнала руската инвазија на Украина, заедно со колегите од останатите нивни фабрики низ Еропа го активирале планот Б за вакви ситуации, на кој веќе биле подготвени. Вели дека тешко одело извлекувањето на опремата од Украина.

„Луѓето што се меѓу 18 и 60 години имаат воена обврска и не смеат да ја напуштат Украина. Ние имавме среќа да најдеме возач кој има три деца и може да ја напушти Укрина. Притисокот од нашите клиентите беше огромен што побргу да се направи тоа. Проблеми имаше од секаков вид“, вели Цубалески.

Досега две странски компании, кои имале свои капацитети и во Северна Македонија и во Украина, сакале дел од истите да ги префрлат во земјава, вели Јован Деспотовски, директор на Агенцијата за технолошко индустриски развојни зони.

„Побараа од наша страна поддршка за олеснување на дел од процедурите за да едноставно се воспостават тука правните субјекти и да може да се пренесе дел од опремата. Ќе направиме се` да им го ослесниме трансферот на технологиите“, вели Деспотовски.

Сето ова ќе значи и потреба од дополнителна работна сила на пазарот на труд.

„Мене лично ме контактираа неколку компании од Швајцарија што имаат свои погони во Белорусија и тие се обидиваат да најдат локација да ги изнесат своите погони надвор. Тие бараат решение и покрај другото ја гледаат Македонија. Очекувам за Македонија краткорочно гледано ова да биде многу голема шанса да се привлечат многу други компании. Со сите последици“, рече Цубалески.

Деспотовски вели дека има една голема американска компанија, која пред две недели им пристапила со барање за одредени податоци.

„Веќе им ги доставивме. Нивните инвестициски планови биле поврзани не со Украина, туку со регионот на Централна и Источна Европа. Меѓутоа поради безбедносните ризици кои постојат таму, сериозно размислуваат инвестициските планови да ги насочат на Западен Балкан. Во моментот во игра се Србија и Македонија“, рече тој.

Деспотовски вели дека уште пред кризата имале разговори со компании за префрлање на операциите од Централна и Источна Европа во Северна Македонија, но и на менаџментот и инженерскиот кадар.

XS
SM
MD
LG