Линкови за пристапност

ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи каков било договор меѓу Северна Македонија и Бугарија, ако процени дека е на штета на идентитетот


Опозицијата ја повтори заканата – кога ќе дојде на власт нема да поддржи каков било договор меѓу Северна Македонија и Бугарија за кој ВМРО-ДПМНЕ ќе процени дека е на штета на идентитетот на државата.

Предупредувањето го испорача лидерот на партијата и го упати и до домашниот и до државно-владиниот врв во Софија. Истовремено, Христијан Мицкоски повика и побара на вклучување на опозицијата во процесот.

Ова не е циркуска атракција да се каниме по медиуми – ние кажавме, тука сме, стоиме, нудиме наша помош за национално единство.  Ако некој има чесна намера да ја вклучи опозицијата во процесот за да ја зајакне преговарачката позиција, тогаш требаше да го сподели прашалникот
Мицковски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ

„Ова не е циркуска атракција да се каниме по медиуми – ние кажавме, тука сме, стоиме, нудиме наша помош за национално единство. Ако некој има чесна намера да ја вклучи опозицијата во процесот за да ја зајакне преговарачката позиција, тогаш требаше да го сподели прашалникот „4+1, 3+1, 3-2“, или како и да го викаат, да седнеме сериозно да разговараме зашто се работи за идентитетот на државата и за нејзината иднина. Очигледно имаат некаков пазар зад завесата и затоа ВМРО-ДПМНЕ таков скриен пазар нема да поддржи... Ова е порака и од Петков и до Радев дека идната влада нема намера тоа да го поддржи.“, изјави Христијан Мицковски, претседател на ВМРИО-ДПМНЕ.

Мицкоски не отстапува од позицијата дека поддршка за Декларацијата за Гоце Делчев, иницијатива која ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе во Собранието, ќе значи зајакнување на државните преговарачки позиции. Одговорот на премиерот е дека е неспорна улогата и значењето на Делчев, но дека историчарите треба да се занимаваат со историјата, а политичарите со сегашноста.

Јас велам дека политичарите треба да се занимаваат со политичките прашања, зашто за тоа се избрани и тоа да го прават врз европски вредности
Ковачевски, премиер на Северна Македонија

„Гоце Делчев е основоположник на македонската револуционерна борба, кој се борел за независна македонска држава во која ние денеска живееме, членка на НАТО, која е на чекор од старт на преговори за членство во ЕУ. Јас велам дека политичарите треба да се занимаваат со политичките прашања, зашто за тоа се избрани и тоа да го прават врз европски вредности, а историчарите треба да ги истражуваат историските сознанија и врз основа на заеднички сознанија тие да ги соопштуваат“, изјави Димитар Ковачевски, премиер на Северна Македонија.

За дијалогот Скопје - Софија станало збор и во телефонскиот разговор меѓу Ковачевски и холандскиот премиер, Марк Руте. „Двајцата соговорници се согласија дека овој процес ќе овозможи заеднички прифатливи решенија за отворените прашања за двете страни и дека тоа ќе ја забрза одлуката за одржување на првата Меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ од што се очекува позитивен импакт и за целиот регион на Западен Балкан“, соопштуваат од владата. Вчера и францускиот амбасадор во земјава, Сирил Бомгартнер, уверуваше дека Париз, кој во моментот претседава со Унијата, дава безрезервна поддршка на почетокот на пристапните преговори и дека го охрабрува раздвижувањето меѓу Скопје и Софија.

XS
SM
MD
LG