Претседателот Бајден не планира да одговори на понатамошна руска инвазија врз Украина со испраќање воени сили, објави Асошиејтед прес.
АП пренесе дека тој може да разгледа помалку драматични, и помалку ризични воени опции, вклучувајќи и поддршка за отпорот на Украина, пост-инвазијата.
САД немаат воен договор и обврска кон Украина и војната со Русија можеби е преголем ризик, со оглед на потенцијалот да се прошири во Европа, да го дестабилизира регионот, и понатамошно да ескалира до заканувачка точка на вриење и употреба на нуклеарно оружје.
Ризик е и ако не се прави доволно за намалување на напнатоста. Тоа ќе сугерира дека Русија ќе може да го изведе истото сценарио и врз другите земји во Источна Европа, како и врз балтичките држави Естонија, Латвија и Литванија, иако овие три членки на НАТО имаат безбедносни гаранции од САД и останатите сојузници.
Државниот секретар Блинкен, кој оваа недела е во Европа, и се среќава со украински, официјални лица од НАТО, и утре со руски државници, ја истакна „американската заложба кон украинскиот територијален интегритет и суверенитет“.
Зошто да се избегне предизвикување руска инвазија?
Војна со Русија во Украина може да ги „врзе“ американските сили и ресурси со години и да се одрази со животи, со неизвесен исход, и тоа во време кога администрацијата на Бајден се обидува да е фокусирана врз Кина како глобална безбедносна закана.
Вчера, Бајден потенцираше дека „претпоставува“ оти рускиот претседател Путин ќе испрати војници во Украина, иако не верува дека Путин сака отворена војна. Бајден не се осврна на можноста на испраќање американски војници во Украина за да ја запре инвазијата, но претходно исклучи таква можност.
Влогот е голем во Украина – и политички и армиски.
Законодавците во САД ги интензивираа критиките за пристапот на Бајден кон Путин, и од демократите и од републиканците.
Филип Бредлов, пензиониран армиски генерал, кој служеше како прв командант во НАТО за Европа во периодот меѓу 2013-та и 2016-та, изјави дека не очекува или да препорача САД да испратат воени сили во Украина. Наместо тоа, смета тој, Вашингтон и сојузниците треба да и помогнат на Украина да го брани воздушниот простор и територијалните води, во време кога се соочува со руска супериорност.
Кои се другите опции на Бајден?
Со оглед на армиската инфериорност, Украина не може да спречи руска инвазија. Но, со помош од САД и останатите сојузници, може да го одврати Путин да согледа дека влогот е голем и за него.
„Клучно е да се сузбијат руските амбиции за да ја спречат Москва од брза победа преку воведување економски, политички, армиски санкции, како и политичка изолација од Западот“, вели експертот по политички науки Филип Василевски, поранешен офицер во ЦИА.
Администрацијата на Бајден сугерира дека размислува на иста линија.
Каква е американската поддршка во моментов за украинската армија?
Портпаролот на Пентагон Џон Кирби изјави дека околу 200 припадници Националната гарда се во Украина и спроведуваат обука и советување за локалните сили, и оти засега нема планови за зголемување на нивната бројка. Тој не појасни дали ќе бидат повлечени американските војници ако се случи руска инвазија врз Украина, но додаде дека Пентагон ќе изврши проценки за нивната безбедност.
Од 2014-та, САД и одделиле на Украина околу 2,5 милијарди долари помош во секторот одбрана.
Како може САД да и помогнат на Украина по евентуална инвазија?
Не е јасно. Советникот за национална безбедност Џејк Саливен изјави дека САД драматично ќе ја зголемат поддршката за територијалниот суверенитет и интегритет на Украина. Но, не даде детали.
Администрацијата во Вашингтон изрази отвореност за зајакнување на армиските капацитети на НАТО на источното крило, а оние кои сакаат зголемено армиско присуство.
Но, тоа значи ставање во ризик за американските војници во близината на фронтот, и вовлекување на САД во нешто, што е тешко да се избегне.