Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денес во Киев разговараше со Мирослава Гонгаѕе од Гласот на Америка, за неговите разговори со украинските лидери и за изгледите за спречување на потенцијалната руска инвазија врз Украина.
Глас на Америка: Денес сме во Украина. Таа е нападната и загрозена од Русија. Путин бара Западот да ја остави Украина од руската сфера на влијание. Денеска имаме шанса да разговараме за кризата со државниот секретар на САД Ентони Блинкен. Ви благодариме за оваа можност и за вашето време.
Блинкен: Драго ми е што сум со вас.
Глас на Америка: Значи, вашата администрација рече дека Русија може да изврши инвазија во секој момент. Што е подготвена да направи вашата администрација за да ја одложи руската агресија? И кои би биле трите главни чекори што сте подготвени да ги направите ако Русија утре изврши инвазија?
Блинкен: Прво, ние ѝ понудивме на Русија јасен избор, избор помеѓу дијалог и дипломатија од една страна, или конфронтација и последици од друга страна. И штотуку бевме ангажирани во интензивна серија дипломатски ангажмани со Русија, директно меѓу нас преку дијалогот за стратешка стабилност во НАТО, со Советот НАТО Русија при ОБСЕ, и мојата надеж останува дека Русија ќе го следи тој дипломатски пат. Очигледно е подобро.
Глас на Америка: Сепак, што САД…
Блинкен: Но, во однос на вашата поента, ние, исто така, подеднакво јасно ставивме до знаење дека ако Русија одлучи да ја обнови својата агресија против Украина, ние, и не само ние, САД, многу земји низ Европа , па дури и некои пошироко, ќе одговорат многу силно и решително, и на три начини. Прво, интензивно работевме на елаборирање на опсежни санкции, финансиски, економски, извозни контроли и други.
Глас на Америка: Дали тоа вклучува...
Блинкен: Нема да навлегувам во детали што се тие, но тоа го правиме во многу тесна координација со европските сојузници и партнери. Втората последица речиси сигурно би била дополнителна помош, одбранбена воена помош за Украина. И трето, речиси е сигурно дека НАТО ќе мора да ја зајакне сопствената одбрана на своето источно крило. И знаете, она што е толку впечатливо за ова е што, кога ќе размислите, претседателот Путин, враќајќи се во 2014 година, успеа да го забрза она што тој вели дека сака да го спречи, бидејќи меѓу другото, НАТО мораше да се зајакне откако Русија ја нападна Украина и го зазеде Крим, Донбас после тоа се случи. Значи, јасно ги изложивме последиците за Русија, но, исто така и далеку попогодниот пат за решавање на разликите по дипломатски пат. И ќе видиме по кој пат ќе одлучи да тргне претседателот Путин.
Глас на Америка: Сè уште е прашањето дали Свифт - отсекувањето на Русија од Свифт е на маса, како и личните санкции против Путин и неговото семејство?
Блинкен: Она што можам да ви го кажам е ова, и тоа не го кажувам само јас. Водечките демократски економии во светот од Г7, Европската Унија, НАТО, сите изјавија како институции, како збир на земји, дека ќе има и цитирам „големи последици“ за Русија, доколку ја обнови својата агресија против Украина. Исто така, рековме дека мерките што ги разгледуваме ги надминуваат чекорите што ги преземавме во минатото, вклучително и во 2014 година. Нема да ги детализирам овде или телеграфирам за чекорите што ги преземаме. Но, можам да ви кажам, последиците ќе бидат тешки. Но, повторно, сакам да инсистирам на фактот дека би било многу подобро да не мора да се оди по тој пат. Ние сме целосно подготвени да го направиме тоа. Но, претпочитање е да видиме дали можеме да ги решиме разликите, да ги решиме грижите во двете насоки преку дипломатија.
Глас на Америка: Русија побара писмен одговор за барањето никогаш да не се прифати Украина во НАТО. Подготвувате ли таков писмен одговор и каков?
Блинкен: Значи, ја имавме последната недела од овие важни ангажмани, и сега имаме можност, и Русија и сите ние, САД, нашите европски партнери, да видиме што слушнавме еден од друг. Русите се вратија назад и веројатно се консултираат со претседателот Путин. Ние го направивме истото, во мојот случај, со претседателот Бајден. Европејците го направија истото со нивните лидери. И следниот чекор во овој процес е да имам шанса да се сретнам со министерот за надворешни работи (Сергеј) Лавров во Женева во петок, и да видам како Русија одговори на она што веќе беше разговарано. Ќе слушнат од нас. Сепак, пред тоа бев решен, по упатството на претседателот Бајден, да дојдам овде во Киев, да се консултирам со нашите украински партнери. А потоа утре во Берлин на средба со некои од нашите најблиски европски партнери. Токму така постапувавме цело време. Направивме сè во многу блиски консултации пред и по секој наш ангажман со Русија.
Глас на Америка: Сепак, не одговоривте на моето прашање дали го подготвувате писмениот одговор?
Блинкен: Во моментов следниот чекор е да се сретнеме со премиерот Лавров. Ајде да видиме каде сме после петок и ќе продолжиме оттаму.
Глас на Америка: Го имав тоа прашање за Лавров, вие треба да се сретнете со него. Дали видовте знаци дека Кремљ ја менува својата позиција во овој момент?
Блинкен: Не можам да кажам дека гледам некаков директен доказ за тоа. За жал, можеме да видиме, продолжуваме да гледаме дека Русија собра многу значајни сили на границите на Украина, се чини дека тој процес продолжува. Од друга страна, фактот што се среќаваме во Женева, фактот што ќе разговараме за дискусиите што ги имавме во последните 10 дена, исто така ми сугерира дека дипломатијата останува отворена можност, нешто што сме решени да го продолжиме најдолго и најдалеку што можеме. Сакаме да не оставиме никаков дипломатски камен непревртен, затоа што, повторно, тоа е многу подобар и поодговорен начин за справување со овие проблеми.
Глас на Америка: Договорот од Минск се смета за единствено вредно решение за оваа криза. Меѓутоа, Русија и Украина различно го толкуваат договорот. Што треба да се направи за да се имплементира договорот или е време повторно да се преговара?
Блинкен: Мислам дека нема потреба од повторно преговарање, бидејќи, како што велите, постои договор. Всушност, има три од нив, бидејќи Минск еволуираше 2014-2015 година. И има голем број на многу јасни чекори што двете страни треба да ги преземат. Мислам дека е фер да се каже, гледајќи наназад, дека многу од тие чекори Украина или ги спроведе или почна да ги спроведува, има некои што сè уште не ги решила. Мислам дека, за жал, подеднакво е фер да се каже дека Русија практично не направи ништо во однос на чекорите што се бараат во договорот од Минск. Значи, првото прашање е дали Русија е сериозна за решавање на Донбас преку процесот на Минск, ако е така, се согласувам со вас, мислам дека тоа е најдобриот и во моментов навистина единствениот пат напред. Франција и Германија се важен дел од овој таканаречен Нормандиски формат. И тие треба да бидат на претстојни состаноци во тој процес. И, повторно, тоа е тест за тоа дали Русија е сериозна во врска со тоа. Единствениот позитивен знак што го видовме во последните неколку недели кога станува збор за Минск е лабав прекин на огнот што е јасно подобрување во однос на тоа каде беа работите, што не` враќа таму каде што бевме во 2020 година. Но, вистинското прашање е, дали Русија е сериозна за спроведување на Минск? Ако е така, ние сме подготвени да го олесниме тоа, подготвени сме да го поддржиме тоа, подготвени сме да се вклучиме во тоа, но како поддршка на овој процес во Нормандија во кој се вклучени Франција, Германија, Русија и Украина.
Глас на Америка: Бидејќи ја спомнавте Германија, го спомнавте Нормандискиот формат... Има многу разговори за тоа дека САД ќе се приклучат кон тој, Нормандиски формат. Дали има некакво размислување САД тоа да го направат?
Блинкен: Мислам дека не е прашање дали ќе се приклучиме кон форматот, прашањето е дали ни е корисно да се обидеме да ги олесниме работите, да го поддржиме на кој било начин. Ако одговорот на тоа е да, ние сме целосно подготвени да го сториме тоа. И ние, се разбира, го споделивме тоа со нашите сојузници и партнери Франција и Германија. Но, тоа ѝ го кажавме и на Русија, и се разбира на Украина.
Глас на Америка: Советникот за национална безбедност на САД неодамна рече дека ако Русија сака Северен тек да почне да работи, ќе мора да ја запре агресијата во Украина. Дали САД се подготвени да прифатат завршување и активирање на гасоводот со цел Русија да ги повлече војниците од границите?
Блинкен: Продолжуваме да се спротивставуваме на гасоводот од добро познати и одамна познати причини. Сметаме дека тоа всушност ја поткопува енергетската безбедност на Европа и очигледно нанесува огромна потенцијална штета на Украина, вклучително и давање на Русија опција да го избегне постоечкиот гасовод низ Украина. Тоа резултира со многу транзитни такси за Украина, а листата продолжува.
Глас на Америка: И имам две прашања за домашната агенда на Украина, ако можам. Претседателот Зеленски му вети на Бајден лично дека ќе се бори против корупцијата. Тој вети дека ќе го назначи специјалниот антикорупциски обвинител пред крајот на 2021 година. Сепак, многу Украинци тврдат дека има саботажа на антикорупциските реформи. Дали САД како стратешки партнер на Украина се задоволни од напредокот во реформите во Украина? И дали Украина е изложена на ризик да ја изгуби поддршката од САД ако владата не ја исполни својата посветеност на реформите?
Блинкен: Имав шанса да поминам време со претседателот Зеленски денеска, имавме многу добар разговор за практично сите овие прашања, вклучително и прашањето за реформите, а претседателот Зеленски продолжи со реформите, вклучително и неодамна, реформите во судството. Но, има и други работи што треба да се случат, вклучувајќи го конечно, назначувањето на овој комесар, што треба и може да се случи во секое време, па го бараме тоа да се случи. Тоа е предизвик, има надворешни притисоци, има внатрешни притисоци, но тој беше на патот на реформите. И на крајот, напредокот на Украина, кој ние сме решени да го поддржиме, зависи од реформите, затоа гледаме на претседателот да продолжи со тие напори, ние многу го поддржуваме во тие напори и ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина додека таа ги прави тие напори.
Глас на Америка: Имам уште едно прашање. Од другата страна на зградата каде што го правиме ова интервју денес, на судското сослушување за обвиненијата за предавство поднесени против поранешниот претседател Порошенко, многу експерти и поранешни руски политичари ја изразија својата загриженост, а некои велат дека обвиненијата се политички мотивирани. Дали мислите дека овие обвиненија и процесот се оправдани?
Блинкен: Па, не можам да навлегувам во деталите за ова, за овој конкретен случај. Сè што можам да кажам е ова. Многу е важно во секоја постапка, без разлика дали е оваа или која било друга, работите да одат напред преку независно судство, согласно владеење на правото, и како што би рекле, без страв и услуга, без селективно гонење. Тоа е општо правило кое би го примениле секаде. И важно е Украинците да се здружат, без оглед на политичките разлики што ги имаат. Еден од методите на Русија е да се обиде да подели, да создаде поделби, да создаде одвлекување на вниманието. И важно е Украинците да се соберат за да се спротивстават на тоа и да се справат со предизвикот што го поставува Русија, како обединета земја со неверојатна иднина која САД силно ја поддржуваат, но која сега има предизвици.
Глас на Америка. Ви благодарам многу.
Блинкен: Ви благодарам.