Линкови за пристапност

Северна Македонија, чиј стратешки партнер се САД, кон авганистанската ситуација изрази подготвеност да прими 750 цивили-бегалци


Дебата во МНР за Авганистан и состојбата со бегалците
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:23 0:00

Дебата во МНР за Авганистан и состојбата со бегалците

Првиот контингент од 149 луѓе пристигнаа пред неколку дена – втората група се уште е во најава.

Во наредните денови се очекува нова група авганистански цивили да пристигнат во земјава, најави шефот на дипломатијата, без да прецизира кога точно се очекува овој втор контингент бегалци. Оваа информација Османи ја обелодени на седницата на Стратешкиот совет на МНР на кој се расправаше за ситуацијата во Авганистан и последиците што би следеле за Европа, Балканот и Северна Македонија.

„Очигледно дека она што се случува во Авганистан покажува дека непредвидливоста останува главна на меѓународниот план, а тоа пак носи кризи – дали хуманитарни, дали бегалски, дали терористички закани, се се тоа потенцијални кризи...“, изјави Бујар Османи, министер за надворешни работи на Северна Македонија.

Затоа, Османи инсистира на проактивниот однос на државата во наредниот период и стратешко предвидување на настаните, а не само на реагирање откако ќе се случат. Она што сега се очекува е голем бран луѓе да го напуштат Авганистан каде контролата ја презеде талибанскиот режим и од каде досега, во организација на САД и на дел од Сојузниците, беа евакуирани повеќе од 120.000 цивили.

„Преку 14 милиони од Авганистанците се под прагот на сиромаштијата, се со уништени посеви, а тоа ќе го зголеми притисокот и желбата на тие луѓе да го напуштат Авганистан.“, оцени Драган Тилев, од Секретаријатот за европски прашања.

Јасно е дека нема да се користат само легални патишта и затоа дел од земјите кои очекуваат наплив на бегалци, како Турција и Грција, почнаа или завршија со изградба на ѕидови долж проблематичните делови од нивните граници.

„Се очекува да нема таков бран како оној во 2015 што ја поремети Европа, а и Балканот.“, вели Нано Ружин, поранешен амбасадор во НАТО.

„За мене, доаѓањето на Авганистанците е врвен етички момент, но тоа е дел и од некој договор, партнерство важно со НАТО, а уште поважно со САД. Тоа треба да се почитува. Дали оваа криза треба да се користи како политички лост, како на пример, Турција што тоа го прави. Според мене, тоа Северна Македонија тоа не треба да го прави.“, оценува Гордан Георгиев, аналитичар.


Според дел од учесниците, на подолг рок, ниту големите сили, немаат јасен план што со Авганистан – земја која во минатото покажа дека има капацитет да го дестабилизира целиот регион – почнувајќи од советската инвазија, па првиот талибански режим и поддршката на Ал Каеда, па се до НАТО интервенцијата по нападите на 11 Септември.

„Најважното прашање кое ќе се поставува во наредните години е дали религиите ќе се спротивставуваат. Еве и во ЕУ се слушаат гласови дека ЕУ била организација со христијански корени. Тоа се загрижувачки пораки на кои треба да им се посвети внимание.“, коментира Срѓан Керим, поранешен министер за надворешни работи на Северна Македонија.

Засега, пристапот на Северна Македонија, чиј стратешки партнер се САД, кон авганистанската ситуација е брзо декларираната подготвеност да прими 750 цивили-бегалци кои биле дел од меѓународните организации и мисии во таа земја и чиј престој ќе биде покриен од тие организации, пред да заминат кон крајната дестинација - најчесто САД. На тој начин земјава која е дел од Алијансата, а чие зачленување во НАТО беше силно поддржано од Вашингтон, контрибуција во справувањето со оваа хуманитарна криза. Првиот контингент од 149 луѓе пристигнаа пред неколку дена – втората група се уште е во најава.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG