Министерот за надворешни работи на Катар во четвртокот рече дека се во тек напори за повторно отворање на аеродромот во главниот град на Авганистан, Кабул, но предупреди дека не е јасно кога ќе продолжат летовите.
“Аријана авган ерлајнс” за Агенцијата Франс прес изјави дека нејзините домашни летови треба да продолжат во петок.
Група техничари од Катар и Турција полетаа во Кабул во средата за да помогнат во повторно отворање на аеродромот, што е витална врска со оние што се’ уште бараат начин како да избегаат од земјата зафатена од војна и да обезбедат хуманитарна помош. Тоа беше првиот странски авион што слета на аеродромот откако беше затворен претходниот ден од неодредени причини.
Жените во западниот авганистански град Херат протестираа во четвртокот против Талибанците, извикувајќи „Не плашете се“. Авганистанките се плашат дека Талибанците повторно ќе воведат ограничувања за жените како да носат бурки кога се во јавност и да не им дозволат да работат или да одат на училиште.
Светската програма за храна на ОН минатиот месец процени дека околу еден од секои тројца Авганистанци имаат итна потреба од помош со храна.
Министерот за надворешни работи, катарскиот шеик Мохамед ја истакна потребата Талибанците да „ја покажат својата посветеност да обезбедат безбеден премин и слобода на движење за луѓето во Авганистан“.
Катар има блиски контакти со Талибанците и одигра значајна улога во американските напори за евакуација на десетици илјади луѓе од Авганистан.
Тој рече дека Катар ги продолжува разговорите со светските сили за продолжување на комерцијалните летови на аеродромот. Останува да видиме дали некои комерцијални авиокомпании ќе бидат подготвени да обезбедат услуги за Кабул кога ќе се отвори аеродромот.
Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу рече дека безбедноста „внатре и надвор“ на аеродромот останува најважниот приоритет.
Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес, Агенција Франс прес и Ројтерс.
Facebook Forum