Линкови за пристапност

Грчката финансиска криза и нејзиниот одраз на другите економии


Грчката должничка криза
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:16 0:00

Со договорот меѓу Грција и нејзините европски кредитори, постигнат порано месецов, беше избегнато излегувањето на Грција од Еврозоната и можеби исто толку важно е што договорот даде шанса финансискиот систем на земјата да избегне колапс.

Економистот и професор на Универзитетот Џорџ Мејсон во Вашингтон, Ендрју Хјуз Халет, верува дека договорот само ја одложува кризата до 2018-та. Според него реформите треба да бидат пошироки и со акцент на реконструкција на економијата, за државата да остане на добар пат.

„Освен доколку грчката економија не заживее значително во следните три години по интервенцијата, уверен сум дека кризата повторно ќе се се врати “, кажа тој во интервју за Гласот на Америка на македонски. „Тоа загрижува зашто времето е навистина кратко“, рече професорот.

Хјуз Халет смета дека за заживување на економијата потребни се големи реформи. Но тој вели дека има разлика меѓу реформите во фискалната политика, даноците и трошењето, што во принцип може да се направи брзо. „Треба да се реформира економијата, за да создава нови даночни приходи, коишто растат побрзо од трошоците“, вели тој.

На таа линија беше и директорката на Меѓународниот монетерен фонд Кристин Лагард. На неодамнешна прес-конференција во Вашингтон, таа ја повика Атина да ги спроведе ветените реформи согласно договорот, додавајќи дека „сега е клучно да се види што се подготвени да сторат грчките власти“. Таа рече дека треба „повеќе од зборови и политичка врева“, сугерирајќи дела и покажување решителност од грчка страна.

Грчката финансиска криза беше тема на распит во Конгресот во средата. На форумот сведочеше економистот Роберт Кан од невладиниот Совет за меѓународни односи. Тој изрази уверување дека кризата нема многу да се одрази во САД.

„Директната трговија и финансиските врски со американската економија се мали, и постои помала систематска закана за САД отколку во 2009-та, кога започна кризата“.

Но тоа не се однесува за Европа, кажа Кан. Напротив, тој подвлече дека тоа што ќе се случува во наредните месеци, може да има драматични последици за Европа.

Македонија реагираше со мерка на Народната банка за ограничување на одливот на капитал кон Грција. Професорот Хјуз Халет смета дека потегот бил логичен чекор, но дека целосно не го исклучува ризикот:

„Мислам дека поголемите проблеми, можеби на долгорочен период, би се должеле на трговските и инвестициски врски. Ако грчката економија доживее нова рецесија, тоа ќе создаде трговски дебаланс“, коментира Хјуз Халет.

Тој препорачува Македонија да бара нови пазари за извоз, но и нови странски инвестиции. Но притоа потсетува дека политичката стабилност во земјата и корупцијата се два важни фактори од коишто зависи привлекувањето на инвестициите.

XS
SM
MD
LG