Линкови за пристапност

Грчкиот лидер „убеден“ дека ќе има договор


Алексис Ципрас во среда зборуваше пред Европскиот парламент

Грчкиот премиер Алексис Ципрас во среда кажа дека е уверен оти ќе одговори на „конечниот рок“ што му е даден од европските лидери за постигнување договор за помошта за излегување од кризата.

Во говор пред Европскиот парламент, премиерот Ципрас исто така ја бранеше колебливоста на неговата држава да се согласи на тешки мерки за штедење во замена за финансиската помош.

Грчкиот лидер, кој беше пречекан со измешани извици на неодобрување и на радост, вели дека секакви реформи мора да го споделуваат товарот меѓу населението, да креираат работни места и да охрабрат претприемаштво.

Грција во среда формално поднесе барање за нова помош, според фондот за спасување од еврозоната. Барањето е во рамки на рокот поставен од европските лидери на друг вонреден состанок одржан во вторникот.

По таа средба, претседателот на Европскиот совет, Доналд Таск, ја предупреди Грција дека „конечниот рок е крајот на неделата“ и кажа дека неуспехот да се постигне договор „може да доведе до банкропство на Грција и неликвидност на нејзиниот банкарски систем“.

Комесарот за економски прашања на ЕУ, Пјер Московици, беше попозитивен, велејќи дека верува оти договор може да биде постигнат до недела, кога 28-те членки на ЕУ ќе се сретнат да разговараат за кризата.

„Топката е очигледно кај грчките власти“, рече тој за француската телевизија во среда.

Како знак на сериозноста на ситуацијата, европските лидери започнаа со подготовки за Грција да ја напушти 19-члената еврозона.

„Комисијата е подготвена за се`. Имаме сценарио за излез на Грција, подготвено во детали“, кажа претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер.

Белата куќа вели дека американскиот претседател Барак Обама зборувал по телефон со грчкиот премиер Ципрас во вторникот. Тој го повторил неговото убедување дека е во интерес на сите Грција и кредиторите да постигнат заеднички прифатлив договор.

XS
SM
MD
LG