Линкови за пристапност

Арбен Џафери и неговите 18 години на политичката сцена во Македонија


Од потписник на Рамковниот договор, до негов критичар; последен пат во јавноста се појави за поддршка на предизборната соработка на неговата ДПА со СДСМ.

Денес во Тетово беше погребан почесниот претседател на Демократската партија на Албанците, Арбен Џафери. Тој почина вчера на Клиниката за неврохирургија во Скопје, каде што шест дена беше во кома по претрпениот мозочен удар. Имаше 64 години.

Роден е во Тетово, на 24-ти јануари 1948-ма година. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Белград.

Џафери остави оригинален белег во политичкиот живот на Македонија и политичкото организирање на етничките Албанци во земјата.

Тој е еден од потписниците на Рамковниот договор, како лидер на ДПА во 2001-ва година. На политичката сцена во Македонија се појави 1994-тата, повикан од фракција во тогаш владејачката ПДП, предводена од актуелниот лидер на ДПА, Мендух Тачи.

Фракцијата на Тачи, која ги обедини младите сили во оваа партија, незадоволна од политиките што раководството на ПДП ги спроведуваше во рамките на владејачката коалиција предводена од СДСМ во однос на правата на етничките Албанци, се одвои од ПДП и ја формираше ПДПА или денешна ДПА.

Младите фракционери на чело со Тачи не успеваа вешто да ги артикулираат нивните политички ставови, поради што често во медиумите, особено оние под контрола на власта, беа нарекувани “јастреби” или албански радикали и националисти. Актуелниот лидер на ДПА Мендух Тачи, свесен за сопственото политичко неискуство, како и она на неговите приврзаници, го повика Арбен Џефери, од Косово да дојде во родното Тетово и да го преземе раководството на новоформираната ПДПА и интелектуално да ги артикулира политичките барања на новоформираната партија на етничките Албанци во Македонија.

Џафери го прифаќа повикот и ја напушта неговата позиција на уредник на културната програма на тогашната ТВ Приштина. Тој, исто така, успешно одговара на предизвикот да ја афирмира новосоздадената ПДПА како релевантен политички субјект во Македонија. Успехот се валоризира на парламентарните избори во 1998-ма, кога оваа партија, раководена од Џафери, заедно со ВМРО-ДПМНЕ, раководена од Љубчо Георгиевски и Демократската алтернатива на Васил Тупурковски ја формира владејачката коалиција.

И кога легнувам и кога се будам, и дење и ноќе јас постојано размислувам за промена на Уставот. Тоа не е никаква вест, зашто за тоа јас говорам и пред претставниците на меѓународната заедница, изјави тогаш Џафери.

Тогашната влада, чиј претседател беше Љубчо Георгиевски, веќе во 1999-та прави значајни исчекори во насока на подобрување на правата на етничките Албанци во Македонија. По долгогодишни обиди, конечно успешно се реализира проектот за овозможување на високо образование на албански јазик преку формирањето на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, познат како Штуловиот универзитет. Во рамките на оваа владејачка коалиција, кон крајот на 1999-та и почетокот на 2000-та, во процедура се и други проекти кои требаа да овозможат подобрување на правата на етничките Албанци. Поради тогашните политички констелации, реализацијата на тие проекти се одвиваше споро, а со тоа и реализацијата на сонот на Џафери. Неговата партија во тие услови ја губи популарноста во гласачкото тело наспроти појавата на вооружените формации обединети во Ослободителната национална армија (ОНА), раководена од актуелниот лидер на ДУИ, Али Ахмети, кој преку вооружени судири со безбедносните сили и кризата 2001-вата го издејствува потпишувањето на Рамковниот договор што во голема мерка ги содржеше елементите на сонот на Џафери.

Иако долго се противеше на појавата на ОНА и Али Ахмети, Џафери како потписник на Рамковниот веднаш по неговото потпишување на 13-ти август 2001-ва во Скопје ќе изјави: „Врз основа на одредбите од Рамковниот договор, јас избрав во овој момент да говорам на мојот јазик“.

Тој, сепак, и во оваа прилика се дистанцираше од ОНА и го реафирмираше својот принцип дека војната никому не носи ништо добро, никогаш.

На изборите во 2002-ра, Џафери ја губи поддршката од електоратот наспроти популарноста на новоформираната ДУИ на чие чело застанува Ахмети. По овој изборен неуспех, Џафери не ја напушта лидерската позиција се` до 2007-ма, кога ДПА е повторно на власт со ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски.

Истата година, решава да се повлече.

„Тоа е најнормалната работа што би можел да ја направам“, изјави Џафери пролетта 2007-ма, кога замина од лидерската позиција во ДПА и му го препушти кормилото на Мендух Тачи.

Во годините што следеа, Џафери ќе остане запаметен по контроверзноста на неговите позиции во однос на Рамковниот договор, што во една прилика го нарече карикатурален. Следејќи го тој став, неговиот наследник Тачи минатата година го прогласи Рамковниот за мртво слово, што предизвика нови бранувања на политичката сцена како и реакции на меѓународните фактори.

Во овој период видно се влошува и неговата здравствена состојба по долгогодишната борба со Паркинсоновата болест. Се` поретки стануваат неговите јавни настапи.

Неговата последна изјава забележана во медиумите е во врска со настаните поврзани со убиството кај Железарското Езеро во близината на Скопје, кога се актуелизираа меѓуетничките тензии.

„Се сомневам дека во Македонија постојат структури кои би го носеле насловот фундаменталистички организации. Вакви тајни политички организации од таков терк, како што се зборува во јавноста, кај Албанците не постојат. Албанците конечно се определени да одржат политички курс кој се диктира од Европската унија, Соединетите Американски Држави и НАТО. Надвор од овие институции, Албанците не бараат решение за своите проблеми“, изјави Џафери.

Последен пат во јавноста се појави во обид да ја поддржи одлуката на неговата ДПА и Мендух Тачи за предизборна соработка со опозициониот СДСМ.
XS
SM
MD
LG