Од дискусија за нуклеарна војна до песна - јужнокорејскиот претседател Јун Сук-jеол ја заврши посетата на Белата куќа пеејќи ја „Американска пита“ на Дон Меклин.
Јун е во шестдневна државна посета на Вашингтон, каде вчера разговараше со американскиот претседател Џо Бајден за „крајот“ на нуклеарната закана од севернокорејскиот режим.
Но, двајцата лидери имаа повесели теми на агендата на државната вечера во Белата куќа во чест на Јун, при која јужнокорејскиот лидер, кој дома е познат како љубител на караоке, ја сподели својата љубов кон американската музика.
„Знаеме дека ова е една од вашите омилени песни, „Американска пита““, му рече Бајден на Јун на крајот на вечерта.
„Да, тоа е вистина“, призна 62-годишниот Јун, велејќи дека ја сакал песната на Дон Меклин, објавена во 1971 година, уште од кога бил во училиште.
„Сакаме да ве слушнеме како ја пеете“, рече Бајден.
„Помина некое време, но...“ одговори Јун, пружајќи само симболичен отпор додека го земаше микрофонот.
Јун испеа неколку редови предизвикувајќи возбудлив аплауз од толпата и воодушевувајќи ги Бајден и првата дама.
Бајден рече дека Меклин не можел да биде во Белата куќа за да им се придружи, но оти испратил потпишана гитара, која американскиот претседател му ја подари на јужнокорејскиот лидер.
На Јун не му е прв пат да пее јавно. Во кампањата во 2021 година, тој се појави во познато јужнокорејско ТВ-шоу каде испеа балада.
Извор: Агенција Франс-прес