Линкови за пристапност

Нашиот договор за меѓусебна одбрана е железен, рече Бајден на прес-конференцијата со Јун


Претседателот на САД и неговиот јужнокорејски колега денес се согласија Јужна Кореја да не ја спроведува програмата за нуклеарно оружје
Претседателот на САД и неговиот јужнокорејски колега денес се согласија Јужна Кореја да не ја спроведува програмата за нуклеарно оружје

Јужна Кореја денес се согласи да не ја спроведува сопствената програма за нуклеарно оружје, за возврат за поголема улога на одлучување во американското планирање за вонредни ситуации во случај на севернокорејски нуклеарен напад и поголемо американско присуство во регионот.

САД и Јужна Кореја го објавија овој договор денес, додека претседателот Џо Бајден е домаќин на неговиот јужнокорејски колега, претседателот Јун Сук-jеол во Белата куќа, прославувајќи 70 години од билатералните односи на двете земји.

„Нашиот договор за меѓусебна одбрана е железен, а тоа ја вклучува нашата посветеност на продолжено одвраќање“, рече Бајден за време на неговата заедничка прес-конференција во Белата куќа со Јун, мислејќи на договорот од 1953 година потпишан на крајот на Корејската војна, со кој Вашингтон се обврзува да ѝ помогне на Јужна Кореја да се брани, особено од Северна Кореја.

Говорејќи преку преведувач, Јун ја нарече декларацијата од Вашингтон „невидено проширување и зајакнување“ на проширената стратегија за одвраќање.

„Нашите две земји се согласија на непосредни билатерални претседателски консултации во случај на нуклеарен напад на Северна Кореја и ветија дека ќе одговорат брзо, огромно и решително користејќи ја целата сила на алијансата, вклучително и нуклеарното оружје на Соединетите држави“, рече Јун.

На брифингот со новинарите вчера, високи претставници на администрацијата рекоа дека според Декларацијата од Вашингтон, Сеул „ќе го задржи својот ненуклеарен статус и ќе продолжи да ги почитува сите услови од својот статус согласно Договорот за неширење на оружјето“.

Двете земји, исто така, ќе формираат Нуклеарна консултативна група на САД - РК, додаде официјалниот претставник, кој рече дека тоа ќе биде „редовен билатерален механизам за консултации кој ќе се фокусира на прашањата за нуклеарно и стратешко планирање и ќе им даде дополнителен увид на нашите сојузници од РК за тоа како размислуваме за планирањето на големите непредвидени ситуации “.

Овој механизам е сличен на тоа како САД ги координираа своите одлуки за нуклеарно одвраќање со некои сојузници на НАТО за време на Студената војна.

XS
SM
MD
LG