Одвојувањето на Тирана и Скопје во ЕУ-пристапувањето денеска се официјализираше. Албанија во Луксембург го отвори првиот преговарачки кластер за темелни вредности.
Северна Македонија доби нов „стоп“ во процесот зашто не ги заврши уставните измени, чекор на кој се обврза во јули 2022 кога и двете земји ги почнаа преговорите.
„Со ова ѝ се нанесе голема штета на државата“, изјави Еди Рама, премиер на земјата која денеска слави отворање на преговарачките поглавја.
„Навистина сме тажни и тоа иксрено го велам што нашата братска Северна Македонија не е во можност да влезе во оваа фаза од процесот. Беа меѓу првите, ако не и први кои го почнаа процесот. Кога зборувам за нашите понижувања, мислам и на понижувањата на С Македонија, тие дури и го сменија името за да бидат тука. Да, опстојувам на тоа што го реков за нашите бугарски пријатели – дека историјата не може да биде причина за запирање на пристапните преговори за која било држава“, изјави Рама.
Владата во Скопје ѝ честита на Албанија за напредокот, жали зашто тоа не се случи и за Северна Македонија и најавува деблокирање на процесот.
„Како Влада можеме да изразиме задоволство и да честитаме за почетокот на Албанија, но и да изразиме огромно жалење за тоа во каква состојба се наоѓа нашата држава. Ги презентиравме нашите позиции во однос на блокадата со која се соочуваме и како Влада ќе продолжиме да зборуваме за тоа, да ги презентираме нашите ставови и да го деблокираме процесот во кој се наоѓа Македонија“, кажа Марија Митева, портпаролка на Владата.
Your browser doesn’t support HTML5
Речиси во истовреме со настаните во Луксембург и изјавите од Скопје, во Берлин се одржа прес-конференција по средбата меѓу шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.
Пораката е дека не станува неправда за земјава, туку за правило на едногласно решавање во Унијата.
„Вметнувањето на бугарското малцинство во вашиот Устав е последниот чекор за отворање на првиот преговарачки кластер со ЕУ. Честопати во политиката се потценува колку е важно лидерството... Важните чекори, меѓу нив и интегративните процеси, секогаш успевале кога политички одговорните имале храброст и покрај негативната општествена атмосфера да го сторат најдоброто за нивната земја. Правилата во ЕУ се такви, се одлучува едногласно, и тука не се работи за некаква неправда. Ние не се согласуваме со нашите европски партнери во сѐ, но такви се правилата“, вели Бербок.
Шефот на македонската дипломатија во Берлин уверуваше дека новата влада во Скопје останува посветена на целта – членство во ЕУ. Имаме план, изјави Муцунски.
„Ја уверив министерката дека нашата држава ќе продолжи да приоднесува како кредибилен актер во ЕУ-интеграцијата. Оваа средба ја реализираме во исклучително важен момент за проширување на ЕУ. Навршуваат две децении од моментот откако мојата држава се стекна со статусо кандидат. Во изминатите 20 години вложивме сериозни напори – направивме големи реформи, прифативме и болни компромиси. Сакаме да ја движиме државата напред, имаме план“, рече Муцунски.
„Одвојувањето на Албанија и прекинот на преговорите со ЕУ е голем пораз на погрешните политики на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ“, реагираат од опозицијата.
За социјалдемократите ова е резултат на погрешните политики на Владата.
„Наместо да биде ден кога сите политички субјекти и граѓаните заедно ќе се радуваат на нов национален и државен успех, на нова надеж за подобро утре, денеска со горчина може да контстаираме дека Македонија повеќе нема европска перспектива“, соопштуваат од СДСМ.