Што се случувало во скопската Општина Центар за време на локалните избори во 2013 година? Градоначалникот Андреј Жерновски тврди дека власта спроведувала невидени притисоци, преку, како што наведува, гласачи од Пустец, нарачка на неважечки ливчиња, блокирање на лифтови во згради за да се спречи постари гласачи да излезат на гласање, притисоци врз наставници, бришење на документи од Општината и поткуп на советници, само за да спречи тамошна победа на опозицијата.
„Општина Центар на премиерот Никола Груевски и на шефот на тајната полиција Сашо Мијалков и нивниот тим очигледно им била најсветото нешто и општина која морале да ја добијат на изборите, особено поради проектот Скопје 2014, односно за сокривање на криминалот во неговото спроведување“, рече Жерновски на прес- конференцијата, на којашто презентираше аудио- материјали од телефонски разговори, наводно меѓу премиерот Никола Груевски, министрите Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Никола Тодоров и шефот на УБК Сашо Мијалков.
„Денеска ќе обелодениме нови докази за злоупотреби од страна на власта на Никола Груевски, па дури и за обид за нудење поткуп на советници, со цел да се блокира Советот на Општината откако им станува јасно дека нивниот кандидат, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ ги загубил изборите во Центар“, рече тој, и притоа му честиташе на советникот што одбил да биде дел од „валканата игра на власта“.
„На крај, стана јасно за кого се работи, меѓутоа, советниците првпат денеска ги слушаат овие снимки. Дозволете и ние меѓу себе да поразговараме... Очигледно, на крај, станува збор за Никола. Јас можам овде да му честитам. Никола е од партијата на Оровчанец, Георгиевски, од партијата Нова Алтернатива. Можам само да му честитам, знам и лично разговаравме низ што сé помина, но тој е еден од оние симболи на отпор и можам да му се заблагодарам навистина, од заедничко име, што излезе и што не потклекна“, рече Жерновски.
Градоначалникот тврди дека покрај во оваа, притисоци врз избирачите имало и во други општини каде што фаворит била опозицијата и дека наскоро вакви прес-конференции ќе има и таму, за, како што рече „да се дознае со какви луѓе имаме работа, со какви луѓе сме имале работа за време на изборите и со какви луѓе имаме работа и денеска, бидејќи тие исти политичари, за жал и ден денес ја водат Владата на Република Македонија“.
„Ние сето ова што го слушнавме го знаевме. Тогаш, дел од граѓаните ни поверуваа, дел не ни поверуваа и не можеме да ги обвиниме, и навистина е тешко да се поверува дека ова може да се случува. Меѓутоа, најбитно е тоа што денеска сите веруваат и знаат што се случуваше. Не гледаме назад кога ги слушаме овие снимки, да, тие нé враќаат во моментите коишто поминаа, меѓутоа не гледаме назад. Гледаме напред, затоа што овие снимки, оваа решителност, што е најважно, што ја покажаа граѓаните, нé носи во едни времиња коишто наскоро ќе дојдат, кога ќе се организираат нови избори. Пораката е јасна. Со одлучна, со цврста битка нема никој, ниту една влада не може да ги победи граѓаните“, рече Жерновски.