Водачот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија Зоран Заев вечерва ги испорача политичките барања на опозицијата.
„Од оваа говорница вечерва, од името на Социјалдемократскиот сојуз и на коалициските партнери барам: Владата на Никола Груевски веднаш да поднесе оставка, Јавниот обвинител на Република Македонија, Марко Зврлевски, веднаш да поднесе оставка, раководниот тим на Македонската радиотелевизија веднаш да си поднесе оставка, бараме да се формира формат на преодна влада, којашто ќе има мандат да ги обезбеди неопходните услови за спроведување слободни, фер и демократски избори. Ова е решението за оваа најдлабока политичка криза од независна Македонија, во којашто власта на Груевски ја турна државата“, рече Заев од говорницата во Универзалната сала во Скопје, каде на трибина насловена како „Вистината за Македонија: Изборен грабеж“, објави нови наводни докази за тоа како актуелната власт ги организирала последните неколку изборни циклуси.
Во говорот којшто претходеше на објавувањето на нови снимки, наводно од телефонски разговори меѓу високи претставници на власта за, како што беше кажано, „изборни лажирања“, Заев го објасни и концептот на идната власт во Македонија.
„Обврска на преодната Влада ќе биде да обезбеди целосно раздвојување на владејачките партии од институциите што сега ги имаат окупирано и нивно департизирање по сите линии, како основен предуслов за демократски избори.
Во составот на преодната Влада нема да може да учествуваат лица за кои има сомнежи или докази дека на каков било начин учествувале во незаконски и криминални активности. Паралелно со целиот овој процес, ќе мора веднаш да започне јавна, транспарентна и непристрасна истрага за скандалот со прислушувањето, со вклученост на меѓународната заедница“, кажа претседателот на СДСМ.
„Можеше ли некој да замисли дека ќе дојде време кога во нашата Македонија ќе бидеме сведоци на една проклето дрска, беспоштедно сурова реалност.
Во којашто се‘ е пазар? Па и деца? Па и човечки судбини? Дека оваа ненаситна, лицемерна и лажна власт, којашто краде народни пари, го крадела и она што не може да се купи со пари - иднината?“, порача Заев.
Меѓу пораките што тој вечерва ги испрати се и „народот да суди“, и Македонија да добие обвинител и судии по примерот на оние кои го расчистуваа криминалот во Италија.
„Никој не избегал од Страшниот суд и тој ден ќе дојде. Прво ќе суди народот. Ќе суди затоа што му е украден гласот, даден од Бога, и украдена му е иднината, на којашто има право од моментот кога се родил. Потоа од првиот, до последниот доказ и аргумент ќе бидат предадени на новиот јавен обвинител, македонскиот Алберто Нисман и на новите судии, македонските Фалконе и Борселино, знаете, оние кои расчистија со криминалите во Италија. Бидејќи овие документи и докази што ги презентираме на јавноста, се сопственост на Република Македонија и на нејзините граѓани“, додаде Заев, притоа истакнувајќи дека „од првата до последната напишана буква во објавената документација, и од првиот до последниот изговорен збор во објавените разговори, се‘ е вистинито.
Груевски и Мијалков го урнисале уставното уредување на Република Македонија. Груевски и Мијалков врз разурнатите темели создале пара – држава, во којашто ВМРО-ДПМНЕ е се‘: и полиција, и обвинителство, и судство, и судбина!“, рече водачот на СДСМ.
Неколку групи на снимки од наводни телефонски разговори презентирани вечерва, меѓу, како што наведуваат од СДСМ, министри и други владини функционери, блиски соработници на премиерот Груевски, а што се однесуваат на „печатење на лични карти пред изборите, злоупотреби на изборен материјал, притисоци, поништување на гласање, организирање на гласање од страна на починати лица“ беа дел од тнр. Осма „бомба“ на опозицијата. Во разговорите меѓу, како што тврдат од СДСМ, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, заменик-министерот за образование Спиро Ристовски, вицепремиерот Зоран Ставрески, директорот на УБК Сашо Мијалков, генералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски, како и други соговорници, се споменуваат „300 лични карти кои треба да се изготват за изборите во Ресен и во Струмица“, „за депо каде има црни вреќи со списоци“, „за кражба на тие списоци кои веќе биле се запечатени од ДИК“, „за организирање гласачи по општини, гласање на починати лица“, како „ВМРО-ДПМНЕ одлучува каде да се поништат избори“, за „луѓе од провинција кои гласаат во Скопје“. Сепак, она коешто предизвика најголемо негодување на присутните во преполната Универзална сала, но и на оние повеќе стотици кои на два видео-бима ја следеа трибината пред салата, беше разговор, наводно меѓу министерите за култура и за транспорт и врски, Елизабета Канчевска Милевска и Миле Јанакиески, за притисоци врз семејството на трагично загинатиот Тоше Проески, при што во еден момент се предлага „ да му ја избркаме таа од работа, ако не, и да не му даваме повеќе 3.000 евра, да го затвориме Музејот?“, бидејќи наводно не биле на страната на власта.
На вечерашната трибина, што ја следеа и над сто акредитирани новинари, говореше и Стево Пендаровски, кандидатот на опозицијата на последните претседателски избори. Тој, од аспект на поранешен советник за национална безбедност на претседатетелот Борис Трајковски, рече дека „безбедносниот систем е растурен, а целиот државен апарат работи само за неколкумина“.
„Поголема поддршка никогаш немала здружената опозиција од сега. Неподелено е мислењето дека како што поддршката расте внатре, така расте и надвор од нашите граници. Нашите аргументи се несоборливи, а тие се дека во Македонија постои диктатура. Наспроти себе имаме прилично добро организиран режим. На таков режим треба да му се спротистави добро организирана слободарска демократска структура. Мораме да направиме сенародна коалиција на нашите народи и да му кажеме збогум на овој режим кој ја малтретира Македонија. Оваа банда криминалци која не‘ малтретира девет години не може да ја води напред нашата земја“, рече Пендаровски, апелирајќи „заедно, сплотено, единствено до конечната слободна демократска и европска Република Македонија“.
„Ако порано бевме сигурни дека нашите најголеми непријатели се надвор, денеска ни е јасно на сите дека најголемиот непријател на самата македонска држава е тнр. влада во Скопје“, додаде Пендаровски.
„Ја водиме оваа битка за сето тоа да престане. Ја водиме оваа битка за да власта стане одговорност. Не ја бараме поддршката за еден Сашо или Никола да се смени со некој други, ја бараме поддршката во оваа битката за да министерствата не бидат партиски штабови, а државниот буџет да не биде партиска каса. Ја водиме оваа битка за да Македонија почне слободно да говори и на улица и по телефон. Новинарите слободно да работат, а ние слободно да ја носиме одлуката. Ја водиме оваа битка и можеме да ветуваме, дека со вистинска политичка битка работите се менуваат“, рече потпретседателката на СДСМ Радмила Шеќеринска, којашто исто така говореше на трибината. Таа ги образложи концептите на идната власт во Македонија во неколку сегменти, меѓу кои и медиумите.
„Буџетот нема да го користиме за да ги корумпираме медиумите, со закон ќе го промениме највисокиот износ за казна за клевета кои ќе го предложат од новинарските здруженија. Ви ветуваме дека од 12 прилози на вести ниту еден нема да биде нарачка. Целосно ќе го смениме законот за комуникации. Тој нов закон за следење на комуникациите ќе обезбеди контрола на граѓаните, а не на власта, ќе обезбеди гаранции за граѓаните“, рече Шеќеринска.
Речиси истовремено со почетокот на трибината на опозицијата, Министерството за внатрешни работи на прес-конференција соопшти дека поднело кривична пријава против водачот на СДСМ Зоран Заев за кривично дело примање поткуп.
Според портпаролот Иво Котевски, Заев се сомничи дека како градоначалник на општина Струмица во периодот од ноември 2013-та година до денеска, од лице кое сакало да приватизира неизградено градежно земјиште, зел околу 200.000 евра поткуп. Случајот во полицијата, како што рече Котевски, го пријавил оштетениот, којшто изјавил дека за земјиште со површина од 100.000 метри квадратни му дал на Заев 200.000 евра, но не успеал да го земе.
Одговрајќи на ова, Заев во Универзална сала рече дека власта и нему му спремала случај како на Љубе Бошковски.
„Се сеќавате кога го повикав Груевски да каже дали има ПИМ мерки против лидерот на опозицијата? Вчера тоа наврши една година, поминале во напредна фаза и последната година јас сум под посебни истражни мерки. Намерата им била да ме местат со пари за кампања, исто како Љубе“, рече Заев, притоа откри дека „човекот кој соработувал со власта“ е Иво Сачевалиев од Струмица, сопственик на струмичка конзервна фабрика. Како што кажа Заев, тој денеска лично му се јавил на Сачевалиев за да му каже дека знае за неговата намера.