Во случај без преседан во историјата на САД, адвокатите кои го застапуваат поранешниот претседател Доналд Трамп денес ќе се обидат да го убедат Врховниот суд на САД дека нивниот клиент е имун од кривично гонење за дела во кои наводно се вклучил додека служел на највисоката функција во државата.
Федералниот случај има извонредно високи влогови. Трамп е републикански кандидат за претседателските избори во 2024 година.
Тој го поднесе своето барање за имунитет по обвинението дека како претседател заговарал да ги поништи резултатите од изборите во 2020 година, кои ги загуби од претседателот Џо Бајден.
Тој случај во моментов е во мирување во очекување на одлуката на највисокиот суд за барањето за имунитет на Трамп.
Брзата одлука може да дозволи тоа судење да се одржи пред изборите во ноември, додека доцнењето може да го спречи воопшто да се одржи.
Доколку Трамп победи во ноември, а решавањето на случајот сè уште се чека кога тој ќе ја преземе функцијата во јануари, можно е да му наложи на Одделот за правда да ги отфрли обвиненијата.
Случајот пред Врховниот суд произлегува од обвиненијата поднесени минатата година од специјалниот обвинител Џек Смит, кој беше назначен од Одделот за правда.
Еден дел од мандатот на Смит беше да спроведе независна истрага за дејствијата на поранешниот претседател помеѓу изборите во ноември 2020 година и нападот на Капитолот на САД на 6. јануари 2021 година, во кој поддржувачите на Трамп се обидоа да го нарушат официјалното потврдување на изборната победа на Бајден.
Трамп редовно тврди дека претседателскиот имунитет на гонење се однесува на криминални дејствија преземени додека бил на функција.
Тој ја искористи Truth Social, социјалната мрежа што ја поседува, за да ја поттикне идејата, пишувајќи:
„Без претседателски имунитет би било невозможно претседател да функционира правилно, ставајќи ги САД во голема и трајна опасност“.