Украина стравува дека ќе стане колатерална жртва при истрагата за импичмент на Трамп

Многу Украинци сега стравуваат дека нивната држава може да настрада од жестоката политичка битка во Вашингтон

Украина е во центарот на процесот за импичмент против претседателот Доналд Трамп, во време кога демократите тврдат дека извршил притисок врз Киев да спроведе истрага за синот на неговиот политички ривал Џо Бајден. Мрежата од обвинувањата, но и контра обвинувањата ги поткопуваат напорите на Украина да се справи со корупцијата по смената на претседателот Виктор Јанукович во 2014-та.

Многу Украинци сега стравуваат дека нивната држава може да настрада од жестоката политичка битка во Вашингтон.

„Искрено, мислам дека проблемот е меѓу републиканците и демократите. Ова не е наш проблем“, изјави жителката на Киев, Ирина, за Гласот на Америка.

„Украинците знаат дека се работи за американски циркус, театар, дека не треба да обрнуваме внимание“, вели Володимир Костик, кој е роден во Украина, но бил во посета на Киев, а живее во Флорида.

Претседателот Трамп го обвини Џон Бајден дека изнудил оставка на тогашниот главен обвинител на Украина Виктор Шокин за да го заштити неговото семејство. Поранешниот потпретседател негира.

Шокин претходно бил под истрага за наводна корупција во енергетската фирма Бурисма, каде со синот на Бајден, Хантер, бил дел од Бордот на директори. Неговиот заменик во тоа време, Давид Сакварелидѕе, за Гласот на Америка, рече дека неговиот шеф бил сменет зашто бил неефикасен.

SEE ALSO: Поранешната амбасадорка на САД во Украина рече дека Трамп побарал од Стејт департментот таа да биде отстранета


„Сигурен сум дека барањата од САД и меѓународната заедница за смена на Шокин се поради неговото коруптивно однесување, но и некомпатибилноста во периодот пост – Мајдан во Украина. Реакцијата на Бајден е резултат на извештаите кои што амбасадата на САД ги испраќала во Вашингтон, и повторно се поврзани со неподготвеноста за борба против корупцијата“, изјави Сакварелидѕе.

Најголем страв на Украина е дека ќе стане колатерална жртва на американската политичка војна, вели Брајан Бонер, уредник во весникот „Киев Пост“, и долгогодишен набљудувач на односите во Украина.

SEE ALSO: Трамп: Зеленски рече дека немало уцена за време на телефонскиот разговор


Претседателот Трамп ги отфрли наводите дека извршил притисок врз Украина да спроведе истрага против Бајден. Тајмингот на дипломатската криза доаѓа во незгодно време кога Украина се обидува да преговара со Русија за ставање крај на војната во источниот регион на Донбас.

„Многу Украинци се чувствуваат отфрлено дека САД не се заинтересирани со состојбата со Крим, со Донбас или за воениот предизвик на Украина со Русија. Претседателот Трамп ја третира Украина само како извор да стаса до „нечист материјал“ против неговиот политички опонент“, коментира аналитичарот Ијала Куса од украинскиот Институт за иднината.