Четврта посета на Скопје за два месеца – Јоханес Хајндл ги интезивира напорите за постигнување решение за политичката криза во Македонија. И овој посреднички обид на специјалниот германски пратеник за земјава се сведува на серија одвоени средби со лидерите на четирите политички партии и со амбасадорите инволвирани во процесот. Од неговото последно доаѓање во Скопје во јуни ситуацијата многу не е променета, во преговарачкиот процес засега нема видливо суштинско поместување - лидерска средба не се случи, ниту пак има спроведување на точките допговорени во Пржино. Проценките се дека токму поради отсуството на напредок се должи тајмингот на мисијата Хајндл – да дојде во Македонија само неколку дена пред најавената посета на високата претставничка на американскиот Стејт Департмент Викторија Нуланд на Скопје. Евроамбасадорот Аиво Орав, по состанокот со Хајндл, не го криеше разочарувањето од отсуството волја за постигнување решение за состојбата.
„Се надевам дека денешната посета ќе има влијание врз идниот развој на настаните. Минатата седмица јас и амбасадорите на земјите-членки на Унијата дадовме изјава во која ги повикавме сите страни што е можно побрзо да се договорат за имплементирање на договореното во Пржино. За жал, денеска нема нешто позитивно да се каже и се надевам дека утре ќе има средба на која четирите партии ќе учествуваат и на која ќе видиме напредок. Ако ме прашате дали има рок за договор, ќе одговорам рокот е вчера“ – изјави евроамбасадорот Орав.
Не сакаше да ја коментира суштината на преговорите. Само повтори дека меѓународната заедница одблиску се координира за надминување на ситуацијата во земјата. Ваквиот настап упатува на координираност меѓу, во моментот, главните фактори во меѓународната заедница – САД и Германија, вели за „Гласот на Америка“ Андреја Стојковски од МЦЕО.
„Германија беше успешна во едно од своите инсистирања – во рамките на Советот на ЕУ веќе не се слуша за вклученост на ЕК или Јоханес Хан, туку се повеќе гледаме вклученост на германскиот специјален пратеник. Очигледно е дека САД и Германија договораат заеднички настап и дека ова е веќе добро искординиран пристап на двајцата“ – вели Андреја Стојковски.
Токму доаѓањето на Нуланд во Скопје во јули минатата година придонесе за конечно заклучување на Договорот во Пржино.