Истополовите бракови станаа легални во Њујорк

Истополовите бракови станаа легални во Њујорк

Шеста сојузна држава што го легализираше ваквиот вид на заедница.

Сенатот на сојузната држава Њујорк петокот со 33 гласови „за“ и 29 „против“ одобри мерка за легализирање на истополовите бракови. Четворица републиканци гласаа во корист на мерката, а гувернерот Ендрју Куомо, кој лобираше таа да биде одобрена, веднаш ја потпиша, со што стана закон. Со ова, Њујорк стана шестата по ред сојузна држава што ги призна истополовите бракови.

„Њујорк испрати силна порака, не само за жителите на сојузната држава, туку и за луѓето ширум САД. Вечерва достигнавме ново ниво на социјална правда“, истакна Куомо.

Њујорк воедно може да стане дестинација за склучување на истополови бракови, бидејќи двојките не мора да се жители на сојузна држава за да добијат дозвола да го склучат бракот.

Њујорк, со популација од речиси 20 милиони лица, е најголемата сојузна држава што досега одобрила вакви бракови.

На Менхетен, поддржувачите на правата на хомосексуалците се собраа во барови и ресторани да го следат гласањето и да го прослават усвојувањето на мерката.

Противниците ја минаа минатата недела во обид да ги убедат законодавците да ја отфрлат легислативата.

Архибискупот Тимоти Долан ја критикуваше мерката велејќи дека има за цел да ја редефинира институцијата брак – заедница меѓу маж и жена.

Сенаторот Рунен Дијаз е еден од законодавците кој гласаше против мерката. „Господ, а не човекот ја поставил оваа дефиниција, и тоа многу одамна“, изјави Дијаз.

Симпатизерите на истополовите бракови коментираат дека новиот закон е историски, бидејќи значителен број конзервативни републикански законодавци ги минале партиските линии и постигнаа согласност со демократите за мерката.