Линкови за пристапност

Обама ги поддржа истополовите бракови


Првиот американски претседател кој, додека е на функција, дал недвосмислена поддршка на оваа тема.

Американскиот претседател Барак Обама даде поддршка на истополовите бракови, со тоа отворајќи горливо прашање пред претседателските избори во ноември.

Претседателот ја даде поддршката во синоќешното интервју за ТВ-мрежата АБЦ. Тој се` досега немаше дадено толку директна изјава на оваа тема, велејќи само дека неговите гледишта за прашањето еволуираат.

„За мене лично, важно е да афирмирам дека мислам дека на истополовите двојки треба да им се дозволи да склучуваат бракови“, кажа синоќа Обама. Тој подвлече дека се работи за личен став и дека дошол до него откако во текот на неколку години разговарал за прашањето со семејството и пријателите.

Националната работна група за хомосексуалци и лезбијки ја поздрави изјавата, наведувајќи дека Обама ќе влезе во историјата како првиот претседател кој додека бил на функцијата, недвосмислено го поддржал склучувањето на истополови бракови. Организацијата за правата на хомосексуалците, Кампања за човекови права, соопшти дека со поддршката на браковата еднаквост, претседателот упатил порака на надеж до генерацијата млади Американци кои се лезбијки, мажи хомосексуалци, бисексуалци или трансродови лица.

Но, републиканецот Мит Ромни, претпоставениот противкандидат на Обама на претседателските избори, синоќа во Оклахома изјави дека негово лично убедување е дека бракот е однос меѓу маж и жена. Ромни рече и дека разбира дека ова е чувствителна тема, како и многу други општествени прашања.

Организацијата Совет за семејни истражувања издаде соопштение во кое се наведува дека поддршката на Обама за истополовите бракови е разочарувачка, но не и за изненадување.

Обама го изнесе своето гледиште само еден ден откако гласачите во Северна Каролина одобрија уставен амандман што го дефинира бракот како заедница меѓу маж и жена. Гласањето го смени уставот во сојузната држава, така што отсега ќе наведува дека „бракот меѓу еден маж и една жена е единствената домашна законска заедница што ќе биде валидна или призната". Северна Каролина веќе ги имаше забрането хомосексуалните бракови.

Неделата, потпретседателот Џо Бајден за ТВ-мрежата НБЦ изјави дека е „апсолутно комфорен“ во однос на истполовите бракови.

Ново истражување на Галуп наведува дека 50% од Америкнците сметаат дека истополовите бракови треба да се признаат со закон. Минатиот месец, Истражувачкиот центар Пју, чие седиште е во Вашингтон, објави истражување според кое 47% од Американците ги поддржуваат истополовите бракови, додека 43% се против.

Истополовите бракови се легални во сојузните држави Конетикат, Ајова, Масачусетс, Њу Хемпшир, Њујорк, Вермонт и главниот град Вашингтон. И сојузната држава Вашингтон ги легализираше обие бракови, но одлуката ќе стапи на сила во јуни, освен доколку не биде вложена жалба на неа. Во Мериленд во март беше донесен закон за легализација на истополовите бракови и треба да стапи во сила наредниот јануари, но противниците најавуваат петиција со која прашањето би се нашло на референдум во ноември.

XS
SM
MD
LG