Почна да тече рокот од 20 дена во кој лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски треба да ја поднесе програмата и составот на идната влада.
Мицкоски, денеска, во претседателкиот кабинет, од претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова го доби мандатот за составување на новата влада.
Пред и формално да му даде мандатот, Сиљановска-Давкова објасни дека има основи да смета дека токму лидерот Мицкоски има мнозинство во парламентот и сериозна можност да формира влада.
„Чест и задоволство ми е да верувам дека чекорот што го преземам – доверување на мандат на Христијан Мицкоски е вистински правен и политички чин“, рече Сиљановска-Давкова.
По кусиот протоколарен чин, пред новинарите, првпат како мандатар се појави Мицкоски и најави кои ќе бидат приоритетите на неговата влада која ја нарече „реформска“.
„Сакам да најавам дека набргу од сега ќе биде составена новата влада, реформска влада. Влада која ќе има основна цел и задача да се занимава со реформите, да ги движи процесите напред, да не тонеме како држава и општество во политичкото мочуриште на меѓуполитички препирки, туку да ја развиваме нашата држава, граѓаните во Македонија да се чувствуваат убаво, да нема граѓани од прв и втор ред, сите ние да бидеме еднакви. Да ги задвижиме работите во економијата, реформи во економијата, еден силен инвестициски циклус, тоа е она кое граѓаните го очекуваат од нас, подобрување на стандардот на живот. Исто така подобрување на стандардот на живот. Истовремено, владеењето на правото ќе биде наша основна водилка, нешто кое што изостануваше, би рекол, овие седум години. Ние продолживме да тонеме на сите мерења и на сите релевантни рангирања“, вели Мицкоски.
Не сакаше да зборува за потенцијалните кадровски решенија за министри зашто, како што рече, се` уште траат разговорите на ниво на коалициските партнери.
Неколкупати повтори дека луѓето ќе бидат во фоксуот на идната влада и најави дека тој и министрите ќе бидат слуги на граѓаните и на нивните интереси.
Мицкоски ја повтори и позицијата за употребата на уставното име за што веќе од Атина стигнаа сериозни предупредувања.
„ Како човек што ќе ја предводи владата сум обврзан да ги почитувам законите и ќе немам никогаш дилема се додека ваквиот Устав и закони се на сила да ги почитувам, а Преспанскиот договор е дел од ова и тука нема дилема и секој кој е дел од институциите мора да ги почитува. И додека ја обавувам оваа функција претседател на Владата ќе ги почитувам законите до последна точка и запирка. Но, исто очекувам и добрососедски односи на конструктивна основа кој доликуваат на 21 век. Мое човеково право е право кое е над сите права. Кај мене нема да видите да ја повторувам придавката како папагал, а зад завесата да ве ограбувам и да живеам како деспот. Ако некој мисли дека може на сила нешто да ми одземе, тогаш треба да мисли и на чекорот потоа. А тоа е дека со сила работите во 21 век не се решаваат“.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис веќе најави дека доколку нема промена во настапите на мандатарот и иден премиер на земјава, тогаш тој „ќе се соочи со многу непријатно прво искуство“ кога сите земји-членки во јули ќе се сретнат во Вашингтон, на 75-годишнината од создавањето на НАТО.