Линкови за пристапност

Мицкоски поднесе законски измени за трансформација на Владата


Новата Влада ќе има четири нови министерства и реорганизација на постоечките министерства. Кабинетот ќе брои 24 члена. Ресорите се поделени согласно трансформацијата, Мицкоски очекува утре да го добие мандатот од претседателката Силјановска

СКОПЈЕ – Со измени во Законот за организација на работата на органите на државната управа (ЗОРОДУ) владејачкото мнозинство предводено од ВМРО – ДПМНЕ ќе го официјализира новиот изглед на Владата со четири нови министерства и реорганизација надлежностите во постоечките. Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави дека очекува утре да го добие мандатот за составување на Влада од претседателката Гордана Силјановска – Давкова и не откри дали се обезбедени неопходните 80 гласа и двотретинско мнозинство за да поминат неопходните законски измени за трансформација на владиниот кабинет.

Мицкоски соопшти дека нема да како ловец на пратеници за да го обезбеди двотретинското мнозинство и дека очекува поддршка од сите пратенички групи, како за овие законски измени така и за пакетот закони кои ќе следуваат набрзо.

Новата Влада ќе има 20 наместо досегашните 16 министерства како и три министерства без ресор а кабинетот ќе брои вкупно 24 членови вклучувајќи го и мандатарот Мицкоски.

Се воведуваат четири нови министерства: за енергетика, рударство и минерални суровини, за спорт, за дигитализација и за администрација. Мицкоски очекува законот да се најде на седница веќе во петок, а најдоцна до вторник да биде изгласан.

Министерството за економија сега ќе биде министерство за економија и труд

„Ќе започнам со министерството за економија на кое ќе му биде додаде сегментот труд. Дел од надлежностите кои ги имаше досега министерството за економија во делот на рударството и енергетиката ќе бидат дел од надлежностите на новото формирано министерство, а тоа е министерство за енергетика, рударство и минерални суровини. Министерството за социјална политика и труд кое беше досега, ќе биде сега министерство за социјална политика, демографија и млади. Агенцијата за млади и спорт која постоеше досега нема да постои и ќе имаме посебно министерство за спорт. Дел од ингеренциите кои што ги имаше министерството за економија посебно во делот на туризмот ќе бидат сега соединети во новото министерство, министерството за култура и туризам. Ќе имаме ново министерство за дигитализација кое што во суштина ќе ги наследи обврските кој што ги имаше досегашното министерство за информатичка технологија и администрација. Ќе имаме и министерството за администрација“, соопшти Мицкоски.

Следните чекори кои ги најави Мицкоски се законски измени за укинување на техничката Влада како и законските измени за Судски совет и Советот на јавни обвинители кои ќе бидат распуштени и ќе има нов избор на членови.

„Ние уште пред изборите имавме јасен и прецизен став дека нема потреба од техничка влада. За жал тогаш не наидовме на поддршка од страна на тогашното владино мнозинство. Еден од законите ќе биде тој. Исто така, тука се законите, со кои што треба да се отвори фронт против корупцијата, а тоа се законите кои што го регулираат Судскиот совет и Советот на јавни обвинители и новиот начин на избор, за тоа биде избор на самите судии и обвинители. Да нема политичко мешање, по принципот како до сега“ изјави Мицкоски.

Истовремено владиниот партнер, коалицијата „Вреди“, ќе поднесе законски измени во законто за локална самоуправа за кој исто така е потребно двотретинско мнозинство а кој предвидува продолжување на законскиот рок во кој Советот на општината може да именува в.д. градоначалник со оглед дека градоначалниците Арбен Таравари и Тимчо Муцунски ќе бидат дел од идната Влада а Блерим Беџет пратеник во Собранието. Со измените ќе се избегнат предвремени локални избори.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, очекува утре да го добие мандатот за нова влада и соопшти дека преговорите со идните владини партнери се при крај, и веќе се договорени имињата на заменици министри директори и третиот ешалон но сепак не откри детали околу кадровските решенија.

XS
SM
MD
LG