Верувам дека имаме уверување од Бугарија оти тие сакаат Северна Македонија да биде членка на Европската Унија (ЕУ), рече специјалниот претставник на Стејт департмент за Западен Балкан Габриел Ескобар, за време на денешниот виртуелен прес-брифинг во Брисел.
„Северна Македонија и Бугарија се ценети НАТО членки и сојузници и затоа сакаме мирно решeние на кои било прашања“, кажа Ескобар.
Тој рече дека САД охрабруваат дијалогот меѓу Северна Македонија и Бугарија да остане вкоренет во заложбата Северна Македонија да продолжи да има перспектива за ЕУ.
„И верувам дека имаме уверување од Бугарија дека тие сакаат Северна Македонија да биде членка на Европската Унија. Затоа, сакаме да ги искористиме тие можности, бидејќи Северна Македонија треба да биде полноправен кандидат и непосреден кандидат за членство во Европската Унија“, изјави Ескобар.
Освен во Брисел, Ескобар патува и во Австрија, Косово и Црна Гора од 10 до 18 март, соопшти Стет департментот во неделата.
Во Австрија тој ќе се сретне со канцеларијата на ОБСЕ/ОДИХР за да разговара за изборите во Северна Македонија и Србија.
„Неговата посета ќе ја потврди посветеноста на САД кон земјите од Западен Балкан додека тие се стремат кон евроатлантска интеграција и подлабока регионална соработка“, се вели во соопштението од Стејт департментот.
Првиот круг на претседателски избори во Северна Македонија ќе се одржи на 24 април, а вториот круг заедно со парламентарните избори ќе биде на 8 мај.