Уставниот суд реши прво да има подготвителна седница па да решава за уставноста на Законот за јазиците

Не се појавија судиите Осман Кадриу и Насер Ајдари и затоа судијата Фатмир Скендер побара да се повлече точката со иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на одредби од Законот за употреба на јазиците

Одлука дека прво ќе одржи подготвителна седница за иницијативите околу Законот за употреба на јазиците, па потоа да се произнесе за уставноста на одредени негови одредби – тоа е епилогот од денешното заседание на Уставниот суд.

На седницата, која се одржа во наелеткризирана атмосфера поради неколкудневните протести на „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ, пред зградата на судот, учествуваа шест од вкупно деветте членови, а петмина од нив беа „за“.

Не се појавија судиите Осман Кадриу и Насер Ајдари и затоа судијата Фатмир Скендер побара да се повлече точката со иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на одредби од Законот за употреба на јазиците.

Откако овој негов предлог не помина кај другите колеги-судии, и тој ја напушти седницата. За тоа кога ќе се одржи подготвителната седница, дополнително ќе се решава.

Your browser doesn’t support HTML5

Кога Уставниот суд ќе решава за Законот за јазиците?

Предвидено е на оваа подготвителна седница за оваа тема да се слушнат и ставови на експерти од областа.

Пред заседавањето на Уставниот суд, на насобраните пред зградата им се придружија и лидерите на „Европскиот фронт“ вклучувајќи го и Али Ахмети.

„Посакувам и се молам до небото луѓето во Уставниот суд да не ја донесат најпогрешната и најлоша моноетничка одлука бидејќи не е добра за здравјето на демократијата и соживотот. Меѓуетничките односи се клучот за стабилноста, тие се вистинската иднина на државата. Затоа сите политички партии, без разлика на која заедница припаѓаат, имаат одговорност да апелираат дека едностраните одлуки, одлуките кои биле донесени пред 23 години, да не се прекршуваат и загрозуваат“, рече Ахмети.

ДУИ пак е поразена, порачаа од власта – дојде 11 декември и ништо не се случи.

„И ДУИ знаеја дека ништо немаше да се случи. ДУИ намерно креира тензии, не дека се грижи за првата на Албанците, туку зашто сака да заштити криминалци, како Артан Груби. Самиот факт што Груби се најде на црната листа ги извади на површина политичките криминалци од ДУИ и СДСМ. И шаторите со двајца без тројца пред Уставен суд беа само блед обид за манипулирање на Албанците“, изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Во одбрана на Груби, по одлуката на Стејт департментот за негово назначување на „црната листа“, денеска застана самиот Ахмети велејќи дека неговиот сопартиец има право на жалба и дека процесот ќе го води поткрепен со факти и дека, ако се утврди вина кај Груби, тој сам ќе се повлече од функциите во ДУИ.