Украина доби напреден ракетен систем „Патриот“

Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников изјави дека во земјата пристигнале системи за противвоздушна одбрана „Патриот“.

Украинските власти долго лобираа кај сојузниците да обезбедат напредно оружје што е способно да соборува непријателски проектили, а украинските сили поминаа неколку месеци обука во САД и Европа за користење на системите.

„Денес, нашето прекрасно украинско небо станува побезбедно бидејќи системите за противвоздушна одбрана „Патриот“ пристигнаа во Украина“, напиша на Твитер Резников.

„Нашите воздушни бранители ги совладаа најбрзо што можеа. И нашите партнери го одржаа зборот“.

Украинските власти претходно известија за напади со беспилотни летала од страна на руските сили во текот на ноќта во областа Одеса во јужна Украина.

Јуриј Крук, шеф на воената команда на Украина во регионот Одеса, рече дека беспилотните летала предизвикале пожар во инфраструктурен објект, но дека нема жртви.

Русија користи беспилотни летала за да изврши напади во Украина, вклучително и против инфраструктурни цели.

Дел од информациите во текстот се преземени од АП, Ројтерс и Франс-прес