Третина од демократските сенатори бара оставка од Менендез

Сенаторот од Њу Џерси кој е обвинет за наводна корупција рече дека ќе остане во Сенатот и ќе се бори против обвиненијата

Една третина од сите американски демократски сенатори, вклучително и сенаторот Кори Букер, денес го повика сенаторот Боб Менендез да поднесе оставка откако федералните обвинители го обвинија него и неговата сопруга за примање мито од тројца бизнисмени од Њу Џерси.

И Букер и Менендез ја претставуваат североисточната сојузна држава Њу Џерси.

Менендез, демократ, вчера рече дека ќе остане во Сенатот и ќе се бори против обвиненијата.

Колегите на Мендендез, демократите во Сенатот, главно молчеа кога кривичната пријава беше обелоденета во петокот.

Но, во деновите оттогаш, 17 сенатори рекоа дека тој треба да се повлече.

Демократите тесно го контролираат домот со 51 место, вклучително и тројца независни кои вообичаено гласаат со нив, наспроти 49 места на републиканците.

„Повлекувањето од функцијата не е признавање на вина, туку признание дека држењето јавна функција често бара огромни жртви по голема лична цена“, рече Букер во соопштението.

„Верувам дека повлекувањето е најдобро за оние на кои сенаторот Менендез го поминал својот живот служејќи им“.

Демократскиот лидер во Сенатот Чак Шумер изјави дека Менендез има право на правично судење, но не кажа дали треба да остане или да си оди.

Белата куќа одби да каже дали Менендез треба да се повлече.

Неколку демократски избрани функционери во сојузната држава Њу Џерси, вклучително и гувернерот Фил Марфи, исто така побараа Менендез да поднесе оставка.

Неговото сенатско место во Њу Џерси ќе биде меѓу оние што ќе се одлучат на изборите следната година.

Демократскиот конгресмен Енди Ким рече дека ќе го предизвика Менендез за неговото место.

Доколку сенаторот навистина поднесе оставка, Марфи би назначил привремен наследник и веројатно нема да го промени балансот на силите во комората.

Правните проблеми на Менендез би можеле да ги искомплицираат напорите на неговата партија да ја одржи контролата врз Сенатот, иако Њу Џерси не избра републиканец за местото од 1972 година.

69-годишниот Менендез, моќен глас за надворешната политика, кој на моменти ја критикуваше сопствената партија, се повлече од функцијата претседател на Комитетот за надворешни односи на Сенатот, како што се бара според правилата на Сенатот.

Првично назначен од гувернерот на Њу Џерси на местото, Менендез првпат беше избран во Сенатот во 2006 година, а пред тоа служеше во Претставничкиот дом.

Американските обвинители рекоа дека Менендез прифатил злато и стотици илјади долари во готовина во замена за користење на својата моќ и влијание за да ѝ помогне на владата на Египет и да се меша во истрагите за спроведување на законот против бизнисмените.

Доколку бидат прогласени за виновни, тој и неговата сопруга, 56-годишната Нејдин Менендез, би можеле да се соочат со казна затвор до 45 години, иако судиите во вакви случаи обично изрекуваат помала од максималната казна.

Ова е трепат како Менендез е под истрага од федералните обвинители. Тој никогаш не бил осуден.